ПочетнаЕКОНОМИЈАКако тоа градиме држава без мајстори?

Како тоа градиме држава без мајстори?

„Дома си е дома. Ама дома, кога нема работа или ти нудат 600 евра за истото што во Словенија те плаќаат 2.500 евра, не размислуваш многу“. Ова го вели Саше, 47-годишен мајстор од Берово, кој последните 12 години работи по градилишта низ Австрија.

Мајсторите си одат

Нема населено место во Македонија од каде што не отпатувал некој градежен мајстор. Тие што ги градеа куќите на сите околу нас — сега ги градат туѓите. Во странство. Без одмор, без викенд, но за плата од која може и да се штеди, и да се праќа дома, и да се инвестира.

А дома, фирмите креваат раце. Станува сè потешко да се најде мајстор што знае да замеша малтер, да направи добра хидроизолација или да постави плочки со „нула фуга“.

Некои дури закажуваат работи по неколку месеци однапред, а не ретко се случува цената да биде диктирана од мајсторот, а не од инвеститорот.

Зошто си отидоа – и зошто не се враќаат?

Одговорот го знае секој што некогаш земал шпатула в рака или спиел на душек во канцеларија само за да заштеди. Мотивите се еден збор: услови.

„Мајсторите заминаа затоа што таму не само што има плата, туку има и почит. Нема доцнење на исплата, нема газда што ќе те шета месец дена за 200 евра“, вели Александар Јовев, инженер за градежништво со долгогодишно искуство во фирма што работела и во Германија и во Македонија.

Тој додава: „Ние имаме мајстори кои се како уметници, ама ги тераме да бидат евтина работна сила. Па нормално е што се селат“.

Што можеме да понудиме?

Министерството за транспорт и врски во неколку наврати најавуваше мерки за привлекување на кадар во градежниот сектор.
Од друга страна, градежните комори бараат државата да воведе субвенции за враќање на мајсторите, со бонуси за секој што ќе отвори занаетчиска фирма и ќе вработи млади.

„Сè додека не се постави систем каде што занаетчијата ќе биде третиран како доктор, а не како човек од маргините – нема враќање. Ни за 1.000 евра плата“, појаснуваат експертите.

Примерите постојат – само никој не ги гледа

Не сите заминале со билет во еден правец. Дел се враќаат. Не од причина што надвор им било лошо, туку затоа што… нешто недостигало.

„Јас во Штутгарт работев на луксузни објекти. Плата, услови – немам зборови. Ама син ми ми викаше ‘чичко’ кога ќе дојдев за Нова година“, раскажува Зоран од Прилеп.

Сега работи сам, има двајца помлади кои ги учи, и вели дека полека, но сигурно се враќаат клиентите кои го ценат занаетот.
„Нема ден да не ме побара некој. Само ако државата даде барем малку поддршка, ќе има уште многу Зорани“, додава тој.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП