Сезона каква што не паметат ни најстарите охриѓани. Во градот деновиве не може да се најде кревет – ни за пари, ни за љубов.
Туристите, притиснати од жештините и желбата да фатат здив покрај вода, масовно се пренасочуваат кон околните населби, дури и до Струга.
„Секој ден примаме по триесетина повици од луѓе што бараат смештај. Ништо нема. Сè се издаде уште во мај. Имам гости што ме молат барем на тераса да спијат“, ни раскажува Ана, сопственичка на приватен објект во близина на старата чаршија.
Колку е сериозна ситуацијата, зборува и фактот што хотелиерите и издавачите на апартмани почнале да препраќаат гости во Струга, Велгошти, Долно Лакочереј, па дури и до Битола.
Во групите за резервации се бара „било што, било каде, само да е во близина“.
Пренасочување со навигација
„Ние дојдовме од Србија, планиравме 5 дена во Охрид, ама завршивме во Струга. Секој ден возиме до Охрид, а се враќаме навечер. Ни кај пријатели не може да се најде кревет“, вели Дарко од Нови Сад.
Во туристичките агенции се вадат од памет. Велат, оваа година, овој период интересот бил двојно поголем, а капацитетите останале исти – дури и се намалиле, поради нови прописи и стеснување на приватниот сектор.
„Сите сакаат езеро, поглед, клима, интернет и паркинг. Ама кога ќе дојдат, сфаќаат дека реалноста е поинаква. Имаме семејства што патуваат по 12 часа, стигнуваат до Охрид и – нема каде да спијат. Ги враќаме назад, ги носиме во Струга, па и таму станува тесно“, објаснува Марија Бошковска, вработена во локална туристичка агенција.
Инфраструктурата не издржува, цените – не се за сите
Покрај проблемот со креветите, се појавуваат и други пукнатини. Недостиг на паркинг, притисок врз комуналната мрежа, гужви на секој чекор.
„И ние си имаме лимит. Многу е тешко да одбиеш човек кој дошол со деца и куфери, ама кога нема, нема“, вели рецепционерка од мал хотел во центарот. „Понекогаш нè прашуваат дали знаеме некој што издава соба ‘незаконски’, без да пријавува. Не прифаќаме такви работи, ама сфаќаме колку е мачно кога си останал на улица“.
Во меѓувреме, цените летаат. Апартмани кои лани чинеа 25 евра сега се даваат и за 60, а оние со поглед на езеро – дури и до 100 евра за ноќевање. И покрај тоа, побарувачката не спласнува.
Туризмот цвета, ама…
Општина Охрид во неколку наврати излезе со апели за поголема одговорност при издавање на приватното сместување, но и призна дека контролата е тешка.
Повеќето апартмани не се пријавени, а платформите како „Booking“ и „Airbnb“ го олеснуваат скриеното работење.
„Охрид има капацитет за околу 25.000 легла. Во пикот на сезоната, ни доаѓаат и по 80.000 гости. Тоа е невозможна мисија“, изјави неофицијално еден од членовите на локалниот туристички совет.
И додека туристичките бројки ќе изгледаат блескаво на хартија, реалноста на терен вели дека Охрид одамна ја премина црвената линија на издржливост. А тоа, на долг рок, може да остави горчлив вкус.
„Следната година ќе си резервираме уште во март, ако сакаме да се вратиме. Ако не – има и друго езеро“, ни рече низ смеа едно семејство од Крагуевац, додека ја влечеше количката со бебе на патот кон паркингот… во Пештани.
Б.З.М.



