„Не се караме често… само кога треба да платиме нешто“. Така ни изјави една жена во центарот на Скопје додека правевме теренска анализа за сосема друга тема.
И остана таа нејзина реченица во нас, како трн што боде, затоа што зад тие неколку збора се крие цела драма – многу поширока од сметките за струја.
Зошто се караме кога нема пари? Зошто молчиме кога има долгови? И зошто толку често дозволуваме парите да нè оддалечат, наместо да нè зближат?
Се сеќаваш кога зборувавме за „заедничко“?
На почетокот – знаете како оди – сè е лесно. „Ќе се снајдеме“, „не ми е важно колку заработуваш“, „сè ќе си делиме“. И така – доаѓаат првите рати, првите заостанати сметки, првите одбиени трансакции на POS терминал во супермаркет.
Одеднаш „заедничкото“ станува „твоето“ и „моето“. А кај некои и „ничијо“.
Многу двојки денес не се распаѓаат поради љубов – туку поради притисокот што доаѓа од тишината. Од она неразговарање. Тоа што секој седи на своја страна од креветот, гледа во телефон и си мисли: „Ако сега отворам тема за парите, ќе пукне“.
„Не е дека немаме љубов“, вели Александар (42) од Ѓорче Петров. „Само… кога финансискиот ѕид е сè поблизу, престануваш да гледаш преку него. Љубовта останува некаде зад“.
Сите знаат, ама ретко кој признава
Не е срамота да немаш пари. Но кај нас, сè уште е срамота да кажеш дека си во минус. Дека должиш. Или дека ти треба помош. И бидејќи не сакаме да изгледаме слабо – молчиме. Лажеме за цената на фрижидерот. Го криеме кредитот. А од сето тоа не добиваме ништо освен… студен воздух во станот и уште постудена комуникација дома.
„Имав клиентка“, ни изјави психологот Сања Љубеновиќ, „која со години не знаела дека маж ѝ има четири кредити. А тој, пак, не знаел дека таа секој месец ги плаќа сите трошоци за децата – сама. Живееле во иста куќа, ама како да биле под кирија кај тишината“.
Брачен буџет – како табу тема
Смешно е, ама вистинито: полесно е да разговараш со партнерот за секс отколку за заштеда.
Дури и за изневерување некои би простиле полесно отколку за „таен кредит“.
Ако имаше национална стратегија за емотивна писменост, „Како да зборуваме за пари без да се расправаме“ ќе требаше да биде прва лекција.
„Јас со сопругот имам правило – секоја недела 15 минути седиме и само зборуваме за пари“, вели Јасмина (38), мајка на три деца од Волково. „Без викање. Без осуда. Само – реално. Што имаме. Што ни треба. И што не можеме да си дозволиме. Ни го спаси бракот, буквално“.
И еден збор за љубовта…
Нема ништо романтично во тоа да не можеш да си дозволиш вечера. Но има нешто длабоко интимно во тоа двајца луѓе да седнат, да си ги погледнат сметките и да речат: „Добро. Ова го имаме. Ова ни треба. А ова ќе го тргнеме – за нас“.
Парите не се крајот на љубовта. Но начинот на кој зборуваме (или не зборуваме) за нив – може да биде.
И затоа, ако сте до гуша во рати, долгови и напнати погледи – почнете со едно едноставно прашање: „Како се чувствуваш поради сето ова?“
Б.З.М.



