ПочетнаЕКОНОМИЈАНаместо месо – грав, наместо кафе – инстант

Наместо месо – грав, наместо кафе – инстант

Македонските семејства ги менуваат навиките – брендовите се заменуваат со евтини марки, а од масата исчезнуваат производите што некогаш беа секојдневие.

Поради ценовните шокови кои со месеци не стивнуваат, многу домаќинства низ Македонија драстично ја менуваат содржината на својата „семејна кошничка“.

Производите што некогаш беа дел од неделното мени – месо, сирење, кафе и чоколадо – сè почесто се заменуваат со поевтини алтернативи или целосно се исклучуваат од списокот.

„Месо купуваме само еднаш неделно, обично во сабота, кога има попусти. За секојдневно готвење – грав, леќа, компир… Тоа е реалноста“, вели Љубица С. од Скопје, мајка на три деца, која вели дека во последните месеци морала речиси двојно да го намали буџетот за храна.

Од бренд до „најевтино“

Кафето, омиленото утринско задоволство за многу граѓани, исто така го менува вкусот. Наместо препознатливите марки, се купува инстант-кафе, кое чини помалку, но и трае подолго.

„Мора да се прави разлика – порано купувавме кафе од 200 денари, сега земаме по 80, и тоа ако има акција. А и тоа ни е луксуз“, признава Драган од Штип, кој работи како магационер и вели дека неговото семејство ги избегнува „брендовите“ и купува само она што е на попуст.

Според податоците, цените на прехранбените производи во јуни 2025 година се повисоки за 12% во однос на истиот месец лани. Најголем раст има кај месото, млечните производи и маслата.

Замената со поевтини производи не е без ризик

Економските аналитичари со коишто разговаравме велат дека ваквите промени во куповните навики се очекувани во услови на инфлација, но и алармантни на долг рок.

„Кога семејствата префрлаат од нутритивно квалитетни производи кон поевтини и често индустриски преработени алтернативи, тоа остава последици по здравјето, особено кај децата. Истовремено, намалената потрошувачка на скапи производи го намалува прометот кај домашните производители“, велат експертите.

Тие додаваат дека преминот кон приватни марки и трговски брендови – иако економски оправдан – не секогаш значи ист квалитет. „Граѓаните се приморани да купуваат по цена, а не по вредност“.

Реалноста во маркетите

Вработените во маркетите потврдуваат дека сè повеќе купувачи ги бараат најевтините варијанти.

„Луѓето сè почесто прашуваат што е на попуст и земаат само основни работи – леб, млеко, тестенини. Месо, сирење и слатки сè поретко одат во количка“, вели вработена во супермаркет во Куманово која сакаше да остане анонимна.

Истото го потврдува и сопственик на мал локален маркет од Прилеп.

„Продажбата на брендирани производи опадна најмалку 30% во споредба со лани. Најмногу се продаваат артикли со ознака ‘најниска цена’.“

Промена на каса, ама и на маса

Она што го носиме дома сè почесто е резултат на математички пресметки, а не на гастрономски желби.

Семејните ручеци повеќе не се прашање на вкус, туку на преживување.

„Сите велат дека цените паднале. Не знам каде – на пазарот не се чувствува. Секоја недела нешто е поскапо“, раскажува Рамадан, пензионер од Тетово, кој живее сам и вели дека неговата месечна пензија од 22.000 денари е доволна само за сметки и за храна – ако внимава.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП