Кога ќе се спомне „штедење“, на прва помислуваме на банка – со сите оние ветувања за сигурност, фиксни камати, па дури и по некоја скромна наградна игра.
Но денес, сè повеќе се слуша старата македонска мантра: „под перница е најсигурно“. Или под душек. Или… кај баба во шкафот зад слаткото.
И не, ова не е само сентиментална носталгија. Каматите што банките денес ги нудат за орочени депозити се речиси на симболично ниво – во просек под 1%. Во некои случаи и смешно ниски. Значи, го оставате својот тешко заработен кеш со надеж дека за година дена ќе добиете – колку? Двесте денари? Три литри бензин?
„Зашто да ги чувам таму?“
Сè повеќе луѓе, особено постари граѓани, но и неочекувано многу млади, велат дека не им веруваат на банките. Не само заради ниските приноси, туку поради чувството дека не се сосема „сигурни“.
Секој скандал, секоја шпекулација за можно пропаѓање на некоја финансиска институција, го зголемува тој страв.
„Јас моите пари си ги чувам дома. Не сум будала да ги дадам на некој што ќе ми каже – еве ти 0.7% камата, а после не знаеш дали ќе ги видиш“, ни вели Ѓоко, 57-годишен пензионер од Скопје. „Дома барем знам каде ми се. Ако нешто тропне, ќе стигнам да ги земам“, додава низ насмевка, но зад зборовите има сериозен тон.
Банкарскиот одговор: „Безбедноста е загарантирана“
Од банкарскиот сектор, пак, уверуваат – депозитите се безбедни. Во Македонија постои Фонд за осигурување на депозити, кој гарантира покривање до 30.000 евра по депонент по банка.
Но, дури и тоа не секого го смирува.
Не е тука само прашањето на гаранција. Прашањето е: што добива граѓанинот од таа „сигурност“? Ниту камата што вреди да се спомне, ниту чувство на лична контрола. Особено кога во еден момент ќе дознаете дека парите не ви се достапни „туку така“, ако нешто затрепери во системот.
„Моите се под катанец, ама дома“
Психолошката компонента игра голема улога. Кога имаш пари дома, во рака, ги гледаш, ги чуваш. Дури и ако немаат „раст“ – барем не губат. Тоа е чувството што многумина го посочуваат како клучно.
„Не верувам во банкарски чуда. Немам милиони, ама имам колку што ми треба за црни денови. И тие пари сакам да ми бидат при рака. Не на некое чудно место со шифра, потпис и 3 дена чекање“, ни раскажува една скопјанка, која побара да остане анонимна.
И сега, што е подобро?
Прашањето всушност нема едноставен одговор. Банката, формално, нуди поголема заштита од кражба, пожар или загуба. Од друга страна, чуварите на кешот дома велат – каков е ризикот, таква е и слободата.
Во крајна линија, станува збор за доверба. Не само во институцијата, туку и во системот во кој живееме. И таа доверба – не се гради со рекламни кампањи, туку со реални резултати.
А додека тие резултати ги нема, ќе има и кеш по шкафови, злато во чорапи, евра на таван и понекое прашање што виси: „Ако банките не ми нудат добивка, зошто би им ја дал безбедноста на моите пари?“
Некој ќе отвори сметка. Некој – ќе отвори фиока.
Б.З.М.



