ПочетнаКОЛУМНИШтедиш на себе – да има за нив

Штедиш на себе – да има за нив

Се откажуваш од парче торта во кафуле, не бидејќи не ти се јаде – туку зошто знаеш дека 200 денари се едно пакетче пелени. И да, си купил чоколадо за малиот. Себе си рече: „Нема врска. Утре ќе си земам“. И никогаш не си го зел.

Не се тоа големи гестови што ги забележува некој. Не ги гледа камера, не се споделуваат како „видеа со солзи во очи“. Тоа се ситни секојдневни одлуки – мајка што ја враќа кремата во дрогерија зашто ќерката сака нова брендирана маица, татко што вози на работа со стари искинати патики, ама синот има нови копачки.

Во тие моменти, не си ни свесен дека се жртвуваш. Само… си родител.

„Не ми треба, ќе се снајдам“

Средовечна жена стои на тезга, се мисли дали да си земе домати или јаболка. Зема домати. Ќерката ѝ ги обожавала. Себе не се прашува што сака. Не е важно.

Мајките и татковците не тропаат на врата со листа на откажувања: прескокнати стоматолози, непоаѓање на одмор, крем што трае трет месец – и уште е наполу. Тие само продолжуваат. Со цел месец во глава: прво градинка, сметки, млеко, малиот има кашлица…
…а потоа, ако остане нешто – тогаш ќе се размисли. И обично не останува.

„Си купив чевли после шест години. Се чувствував како да крадам од некого“, ни изјави една самохрана мајка од Битола.

Не драматизираше. Само кажа. Рамно, тивко. Баш така како што болат тие нешта што не се кажуваат гласно.

Љубов што не бара аплауз

Нема родител што не би се откажал од себе за дете. Но она што е тешко – е кога тоа трае со години. Кога родителството не значи само „грижа“, туку постојано да си во втор план. Да се навикнеш дека не си важен. Ни себеси да не си си приоритет.

„Имав забоболка, ама не одев на стоматолог. Имаше екскурзија. Како ќе ја оставам ќерка ми без пари?“ – изјави еден татко.

И тоа го раскажа со тон како да објаснува што појадувал. Како да е нормално.

А не е. Или не би требало да биде.

Психолозите велат: долгогодишната автоцензура, негација на потребите, доведува до чувство на празнина. И некаде околу 50-тата, се појавуваат горчини што немаат име. Само тежина во градите.

А што кога ќе пораснат?

Прашањето што никој не го поставува е: кога децата ќе пораснат, кој ќе ги прегрне родителите што сега се губат себе си?

Ќе има ли некој што ќе праша: „Тато, што те радува тебе?“ или „Мамо, што не си си дозволила сите овие години?

Или ќе остане само ехо од сите недоизедени чинии, сите прескокнати купувања, сите откажани соништа?

Никој не води статистика за тие жртви. Ама постојат. И не се мерат во пари, туку во нешто потивко – во години потрошени на чекање на ден што можеби нема ни да дојде.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП