Моделите „Ultra“ на „Samsung“ од серијата „Galaxy S“ не се променија значително во однос на дизајнот во последните години, но според информациите од познатиот технолошки инсајдер @UniverseIce, тоа наскоро би можело да се промени.
Според него, поради планираните подобрувања на камерата, „Galaxy S26 Ultra“ би можел да ја добие најголемата промена во редизајнот од „S21 Ultra“ од 2021-ва година.
@UniverseIce сподели рендер направен од обожавател на неговиот профил на мрежата X (порано Twitter), со коментар дека, иако не е официјална слика, многу веројатно точно го прикажува вистинскиот изглед на идниот модел. Сликата јасно покажува дека „S26 Ultra“ ќе има нова групирана конфигурација на камерата. Трите главни леќи се наоѓаат во рамките на изразен „остров“, за разлика од претходниот распоред каде што камерите беа независно распоредени на задната страна.

Главната причина за овој редизајн, според изворот, е интеграцијата на нова перископска камера со 5x оптички зум и значително поголема бленда. Телото ќе биде значително потенко, што значи дека модулите на камерата ќе штрчат повеќе, наводно до 3 мм. Во овој контекст, воведувањето на „островот“ како единствена структура за сите камери станува функционално неопходно.
Интересно е што „Samsung“ веќе го користи овој пристап на „Galaxy S25 Edge“, кој е дизајниран со фокус на најтенкиот можен дизајн, што дополнително им дава кредибилитет на гласините. Доколку оваа информација се покаже како точна, „Galaxy S26 Ultra“ ќе биде првото големо освежување на дизајнот во серијата во последните пет години.
Некои медиуми истакнуваат дека враќањето на „островот на камерата“ би можело дополнително да го обедини дизајнерскиот јазик помеѓу серијата „Galaxy S“ и моделите од линијата со флексибилен екран, како што е „Galaxy Z Fold7“, кој сè уште користи сличен концепт за камерите.



