Кога еднаш ќе ја преминеш границата, дали навистина оставаш сѐ зад себе? Или зад тебе остануваат луѓе кои и натаму чекаат и тивко броеле денови, месеци, години? Колку всушност вреди таа заработка ако во меѓувреме дома некој расте без твојата прегратка, твоите совети, твоето „добро утро“?
Печалбарството е приказна стара колку и оваа земја. И додека за многумина финансиската сигурност што ја носи странската заработувачка е клучен мотив, емоционалните трошоци ретко се ставаат на вага. Остануваат прикриени зад финансиската удобност и убавите куќи во кои, парадоксално, никој не живее.
Разговаравме со мајки, баби и млади кои лично се судриле со оваа тешка реалност.
„Печалбарскиот синдром“, како што го нарекуваат – она чувство на празнина кога родителите заминуваат по подобар живот во туѓина, додека децата остануваат дома, препуштени на себе или на баба и дедо.
Јасна, жена во педесеттите, вели дека нејзините внуци веќе три години живеат без родители. Таа и нејзиниот сопруг практично станале повторно „млади родители“ на стари години.
„Многу е тежок товарот. Ќерката и зетот заминаа во Германија за подобро утре, за поголема плата. Навистина заработуваат добро, но овие деца пораснаа со нас. Првите збoрови им беа ‘дедо и баба’ наместо ‘мама и тато’. Кога ќе дојдат за празниците, странци се едни на други. Се сакаат, ама не знаат од каде да почнат. Срцето ме боли кога гледам како моите внучиња повеќе му се радуваат на пакетот со подароци отколку на родителите кои ги донеле тие подароци“, вели Јасна со навлажнети очи.
Но, ситуацијата е комплицирана.
„Ако не отидеа, ќе живеевме на работ од сиромаштија. Сега децата имаат сѐ што им треба, освен… освен нив“, вели нашата соговорничка.
А младите? Тие молчат и чекаат. Ана има 17 години и цели 7 години живее без мајка ѝ која работи како негувателка во Италија. Вели дека разбира зошто мајка ѝ морала да замине, ама чувството на отсуство не може да се пополни со телефонски разговори.
„Таа секогаш вели дека ова е за нас. Но понекогаш ми доаѓа да ѝ речам – мамо, врати се, и со помалку ќе преживееме. Но не можам тоа да ѝ го направам… Се правам силна, велам дека сум голема и дека се снаоѓам сама, ама лажам. Никогаш не е доволно“, признава Ана, држејќи ја својата насмевка за да не ѝ попуштат солзите.
Оваа приказна, за жал, не е осамена. Многу семејства денес се одделени од океани и граници. И додека родителите веруваат дека ја носат најдобрата можна одлука, времето тивко прави штета.
Но, каде е границата меѓу подобриот живот и семејната блискост? Колку може да трае разделбата пред да се изгуби нешто многу поважно од парите – емоционалната поврзаност?
Некои велат дека „печалбарскиот синдром“ не остава видливи лузни. Но, тоа не значи дека раните ги нема. Напротив, тие се длабоки, невидливи и болат дури и тогаш кога никој не зборува за нив.
Б.З.М.



