ПочетнаЕКОНОМИЈАПлаќаш кирија, а се чувствуваш како бездомник

Плаќаш кирија, а се чувствуваш како бездомник

Кога живееш како потстанар во Скопје, чувството дека немаш покрив над глава не исчезнува со плаќањето на месечната кирија. Всушност, станува уште поизразено, бидејќи цените упорно се движат нагоре, а станодавците не само што не ја подобруваат услугата, туку честопати дури и ја влошуваат.

На социјалните мрежи, луѓето секојдневно споделуваат како се приморани да живеат во станови кои едвај можат да се наречат домови.

Има примери каде за астрономски 350 евра месечно добиваш стар мебел, кој датира од времето кога Југославија била млада. Не е претерување – има луѓе што буквално спијат на кревети што би требало одамна да се наоѓаат на отпад.

Јелена, 28 годишна потстанарка во Кисела Вода, вели дека ја плаќа редовно киријата, ама кога побарала да се поправи бојлерот, сопственикот одговорил со класичното „ако не ти се допаѓа – оди си“.

„Значи, човек плаќа редовно, не доцни ни ден. Па барем очекуваш да имаш топла вода кога ќе се вратиш од работа. Ништо специјално, само минимумот да го имаш. А овде…“, раскажува таа со мешавина на огорченост и очај.

Искуствата на потстанарите низ цело Скопје наликуваат едно на друго како јајце на јајце.

Во Аеродром, некои плаќаат кирија во станови во кои постојано има влага, а газдите им велат дека „нема пари за реновирање“, додека месечно наплаќаат 300 и кусур евра.

Да не зборуваме за оние потстанари кои се принудени да ги молат газдите да сменат една обична чешма или да поправат прозорец, бидејќи зимата си го прави своето. На крај, повеќето се откажуваат и самите плаќаат од свој џеб, за да не трпат.

Некој би помислил – па, зошто не се иселат? Но, каде? Цените се толку високи, што и лошите станови се надвор од реалната вредност. Плус, да се најде стан по прифатлива цена е како да бараш игла во пласт сено. Нема, просто нема.

„Луѓето немаат друга опција, па газдите тоа го злоупотребуваат. Знаат дека не можеш тукутака да се иселиш. Токму затоа толку многу се појавува она чувство дека си бездомник, иако уредно си плаќаш“, вели Марко, 34 години, кој петти пат во пет години мора да менува стан, бидејќи, како што вели „ниеден газда досега не бил нормален“.

Некогаш најлошо од сè е односот на сопствениците. Ја плаќаш киријата како швајцарски часовник, ама кога ќе треба да се појават на врата за да поправат нешто, исчезнуваат како духови. Па мораш да молиш, да ги бркаш и да чекаш со недели.

А не е дека нешто бараме многу. Една поправена врата, прозорец без провев, бојлер што не протекува… ништо повеќе од основни услови за нормален живот.

Но, додека кириите растат, условите стануваат сè полоши. Потстанарите живеат со константно чувство на несигурност и страв дека утре газдата ќе реши да ја крене киријата, а нема да ја крене услугата.

И така, луѓето кои плаќаат кирија во Скопје остануваат заробени во овој магичен круг, каде што цените одат нагоре, услугата надолу, а тие во средина – беспомошни, бездомници со адреса.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП