Во последните неколку години, банките во Македонија пријавуваат рекордни добивки, достигнувајќи стотици милиони евра. Истовремено, многу вработени, особено оние кои работат на позиции во продажба, се жалат на ниски примања, високи цели и постојан стрес на работното место.
Ова отвора сериозно прашање, дали големите профити на банките се резултат на фер менаџмент или на потценета и подплатена работна сила?
Официјалната слика во банкарскиот сектор е дека профитите растат, а трошоците се „оптимизираат“.
Според податоците од Народната банка и Годишните финансиски извештаи, неколку водечки банки во земјава пријавиле добивка што надминува 50 милиони евра годишно. Во извештаите често се нагласува „рационализација на трошоците“, што во превод најчесто значи минимално зголемување на платите или дури и замрзнување на истите.
Внатрешната слика па покажува под просечна плата и неподносливи цели за вработените.
Вработени во банките, кои сакаат да останат анонимни, за Денар изјавуваат дека основната плата во многу случаи е под државниот просек, особено за лица со 3-5 години работно искуство во банка. Притоа, значаен дел од нивната заработка зависи од продажбата на кредити, картички, депозити, осигурување, фондови или други услуги, при што целите постојано се зголемуваат, а бонусите се сè потешко достижни.
„Порано добивавме бонус ако постигневме 80% од целта. Сега мораме да надминеме 110% за да видиме нешто повеќе од платата,“ вели еден вработен во филијала во Скопје.
Иако банкарите формално имаат договори на неопределено време, притисокот, промените во интерните политики и стравот од деградација или отпуштање поради слаби резултати, создаваат атмосфера на несигурност. Ова доведува до хроничен стрес, висока флуктуација и незадоволство меѓу вработените.
Јавноста сè почесто поставува прашања околу тоа „Кој го создава профитот, а кој го ужива?“. Додека менаџментот добива бонуси и корпоративни бенефиции, оние кои секојдневно се соочуваат со клиентите и се лицето на банката, добиваат малку или ништо.
С.Б.



