Руската централна банка ја намали својата клучна каматна стапка на најниско ниво за речиси една година, бидејќи инфлацијата се забавува и расте загриженоста дека економијата што се лади може да влезе во рецесија, објави „Bloomberg“.
Во петокот, монетарната власт ја намали својата клучна каматна стапка за 200 базични поени на 18%. Сите економисти анкетирани од „Bloomberg“ очекуваа намалување, при што 7 од 11 го предвидоа потегот. Еден аналитичар очекуваше уште поголемо намалување, а тројца предвидоа поскромно намалување од 100-150 базични поени.
„Инфлациските притисоци се намалуваат побрзо од очекуваното, а растот на домашната побарувачка се забавува. Понатамошните одлуки за клучната каматна стапка ќе бидат донесени во зависност од упорноста на ценовните притисоци и динамиката на инфлациските очекувања“, се вели во соопштението на банката.
Во јуни, централната банка го направи своето прво намалување на каматната стапка од 2022-ра година, намалувајќи ја рекордната клучна каматна стапка од 21% за 100 базични поени. Во тоа време, монетарната власт предупреди дека кревкиот тренд кон дезинфлација може да бара пауза или дури и враќање кон построга монетарна политика. Сепак, неодамнешните макроекономски податоци не ги потврдија овие загрижености.
Растот на цените се забави во јуни на околу 4% – целното ниво за годишна инфлација. Банката предвиде дека инфлацијата ќе достигне врв во мај, но ова се случи уште во март.
Руската Федерална служба за статистика, исто така, објави прв неделен пад на цените од септември 2024-та година. Банката во петокот соопшти дека годишната инфлација се забавила на 9,2 проценти од 21-ви јули. Сепак, повторно предупреди дека „динамиката на цените останува нерамномерна“ и дека „не е формиран одржлив тренд на намалување на инфлациските очекувања“.
Сè поголем број бизнис лидери и владини претставници со месеци предупредуваат дека економијата е под притисок од рекордно високите трошоци за задолжување. Меѓу нив е и министерот за економија Максим Решетников, кој минатиот месец, на истата сцена со гувернерката на Русија Елвира Набиулина, рече дека економијата е на работ на рецесија.
Растот неодамна беше ограничен на тесен опсег на индустрии поврзани со владините трошоци и замената на увозот, додека остатокот од економијата покажа „кревка и нееднаква динамика“, според извештајот на Руската централна банка овој месец. Посебен извештај ги покажа последиците за регионалните економии од прекумерно високите трошоци за задолжување. Падот на продажбата на домови доведе до пад на производството на мебел, што пак ја погоди побарувачката за дрвена граѓа и предизвика компаниите да ги замрзнат или намалат инвестициите.
Скапите кредити, исто така, ја поткопаа побарувачката на потрошувачите за нови автомобили, а најголемиот производител на автомобили во земјата, АвтоВАЗ, размислува да воведе пократка работна недела за да го намали производството, објави новинската агенција Интерфакс.
Во јули, индексот на деловната клима се врати на нивоата видени од економската криза во 2022-ра година, кога САД и земјите од Г-7 воведоа санкции по руската инвазија на Украина.
Централната банка, исто така, во петокот забележа дека се појавуваат „повеќе знаци на слабеење на пазарот на трудот“ – главен фактор во инфлацијата во последните години и дека растот на платите се забавува во споредба со 2024-та година.
Централните банкари, исто така, ја намалија својата прогноза за инфлацијата на крајот на годината на 6-7% од 7-8%. Монетарната власт ја задржа својата прогноза за раст на бруто домашниот производ (БДП) во 2025-та година помеѓу 1% и 2% и проектира просечна цена на руската нафта оваа година да биде 55 долари за барел, што е намалување од претходната проценка од 60 долари.



