Во срцето на секое маало, некогаш гордо стоеше по едно гранапче, скромна, семејна продавничка, каде што се познаваа сите купувачи по име, а долговите беа запишувани во тетратка. Денес, тие места на доверба, близина и човечност сè почесто се затвораат, неприфатени од новата економска реалност, изгубени во сенката на големите маркети и дисконтни ланци.
Малите продавници се соочуваат со зголемени цени за набавка, високи давачки и неповолни услови од добавувачите. За разлика од маркетите што купуваат на големо и добиваат попусти, гранапчињата немаат преговарачка моќ. „Пристапот до нова роба ни е ограничен, маржата ни е мала, а и луѓето се помалку ни веруваат“, вели сопственик на маалска продавничка во Кисела Вода.
Гранапчињата не беа само место за купување, тие беа информативни центри, места за муабет и солидарност. Во време на кризи, тие беа оние што даваа на доверба, што чуваа пакетчиња за соседите, што отвораа порано кога некој имал потреба од млеко за дете. Тие човечки вредности денес сè потешко се монетизираат, и полека исчезнуваат со последните гранапџии.
Некои претприемачи бараат спас преку дигитализација, здружување во мрежи, онлајн-нарачки, па дури и ре-брендирање во урбани деликатес шопови. Но тоа бара инвестиции кои најчесто им недостасуваат на сопствениците.
Редакцијата на Денар ќе продолжи да ја следи оваа тема, ќе ги објавува приказните на последните градски херои во светот на малата трговија и ќе ги отвора прашањата кои институциите одбегнуваат да ги постават, а тоа е што значи кога градовите ги губат своите мали бизниси?
С.Б.



