Си влегувате во продавница за половна облека, и на прв поглед сè изгледа малку хаотично – шарени маици, тексас јакни со мирис на „нешто туѓо“, па дури и некоја дизајнерска кошула што некој ја носел само еднаш. Што ве донесе овде? Финансиските услови, свесноста за животната средина или можеби… моден предизвик?
Купувањето половна гардероба одамна веќе не се доживува само како спас од сиромаштија. Напротив, денес за многумина е свесен, па дури и помалку елитистички чин. Станува збор за тренд кој полека, но сигурно, ги разбива стереотипите.
Всушност, за голем дел од младите купувачи „втора рака“ значи стил, оригиналност и еден вид тивка револуција против брзата мода. Има нешто привлечно во тоа да пронајдеш уникатно парче што не го носи целата улица. Па дури и ако мораш малку да се помачиш за да го најдеш.
Секако, финансискиот момент останува важен. Живееме во времиња кога цените во бутиците растат толку брзо што не можеш да стигнеш ни да ги запомниш, а не пак да ги платиш. Затоа не треба да нè0 чуди што на крајот од месецот многумина прво ќе отидат да пребараат по second-hand продавниците. Таму за 500 денари ќе си најдеш и фармерки и кошула. Кој уште би одбил таква зделка?
Меѓутоа, освен парите, расте и еколошката свест. За да произведеш еден пар фармерки, потребни се илјадници литри вода. А кој уште има совест денес да расфрла со природните ресурси? Можеби токму затоа младите стануваат двигатели на трендот на одржлива мода. Тие сакаат да покажат дека и со „износена“ маица можеш да изгледаш подобро отколку со скапо платена гардероба која е направена во сомнителни фабрики од Азија.
Но, има уште нешто. Одењето во second-hand шопинг стана еден вид авантура. Никогаш не знаеш што ќе пронајдеш. Можеби тоа е стар кожен мантил од осумдесеттите, винтиџ маица од легендарен концерт, или едноставно, нешто што ниту самиот не знаеш зошто ти се допаѓа. Таа непредвидливост е дел од привлечноста. И, искрено, ретко кој излегува со празни раце.
И така, на крајот на денот, не е важно дали купувате половна гардероба затоа што мора или затоа што сакате. Важно е дека свесно или несвесно – придонесувате за една промена. Промена на ставовите, првенствено.
И можеби токму во тоа се крие вистинскиот одговор. Да, тоа е и паметно и економично. Но, пред сè, тоа е… лично.
Б.З.М.



