ПочетнаЕКОНОМИЈА„Имам 32 години, а живеам со мама и тато“ – каде е...

„Имам 32 години, а живеам со мама и тато“ – каде е проблемот?

Во една земја каде што независноста одамна е повеќе идеал отколку реалност, сè повеќе млади луѓе ја доживуваат третата деценија од животот под ист покрив со родителите.

Причините? Повеќеслојни. Некој ќе каже – мрзеливост. Но ако копнеш малку под површината, ќе те пресретне студеното лице на реалноста: станбен квадрат вреден како злато, а плата што едвај стигнува за бензин, интернет и за „непланирано“ гиро си другарите пред зграда.

Цените на недвижностите во Скопје, но и низ другите градови, одамна излегоа од здрав разум. Квадрат над 1.500 евра веќе не е шок, туку стандард. А млад човек со просечна плата (ако воопшто е вработен) треба да работи… еве, да не калкулираме до денар – но доволно е да кажеме: ќе враќа кредит до пензија. Ако некогаш и ја дочека.

Паралелно, генерациските вредности ретко кога биле поразлични. Родителите кои во своите дваесетти веќе имале деца и сопствена куќа, денес не можат да сфатат зошто нивниот син спие до 11 и уште нема заштедено „за старт“.

Младите пак, соочени со нестабилни договори, хонорарни ангажмани и секојдневна битка за ментално здравје, едноставно немаат од каде да почнат. Или, почнуваат и паѓаат по вториот месец кирија.

„Не е проблем да се оди, проблем е што нема каде да се оди. Или одиш во подрум со мувла, или кај цимер што пуши во 3 сабајле“, раскажува Елена (32), која иако е вработена веќе шест години, сè уште живее со родителите.

Тука некаде влегува и културната димензија: во Македонија, живеењето со родителите не се смета за „животна трагедија“, туку често – за практичност. Особено ако мајка ти готви, а станот е доволно голем да се избегнуваат конфликти. Но и најголемата практичност има рок. Особено кога ќе почне она: „Ама кога ќе се ожениш?“ Или: „Не може вака вечно“.

Пандемијата само ја подзабрза оваа динамика. Многумина кои претходно се обидуваа да се одвојат – се вратија. Некои поради работа од дома, некои поради отказ, а некои – едноставно не можеа да си дозволат самостоен живот. И така, кризата што требаше да трае неколку месеци, ги натера неколку генерации да се судрат во иста дневна.

Што останува? Надежта. Дека платите ќе се приближат до цените. Дека нема да се гледа на млад човек во триесеттите како на „проблем“.

Или, како што вели еден твит: „Најубаво си е кај мама. Само што некогаш, тоа ’најубаво’ знае да те заглави… за навек“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП