Европската Унија минатата година собра 33 милијарди евра ДДВ од е-трговија, според извештај презентиран од Европската комисија.
Се наведува дека онлајн трговијата брзо расте, а промените во европското законодавство за олеснување на наплатата на ДДВ им ги олеснуваат работите на трговците.
Минатата година, вкупниот пријавен ДДВ се зголеми за 6,8 милијарди евра од 26,3 милијарди евра во 2023-та година на 33,1 милијарди евра во 2024-та година, што претставува годишен раст од 26 проценти. Над 170.000 трговци се регистрираа за да ги користат поедноставените опции за наплата на данок, при што зголемувањето на бројот на регистрации за 2024-та година изнесува 16 проценти.
Според проценката на комисијата, податоците покажуваат дека промените од 2021-ва година во европското законодавство доведоа до поедноставување и намалување на бирократијата, како и на трошоците за трговците. Овие измени, исто така, доведоа до намалување на работното оптоварување за даночните службеници. Се наведува дека законските измени ја елиминирале потребата од повеќекратни ДДВ регистрации за трговците што продаваат стоки и услуги во неколку земји од ЕУ.
ЕК додава дека отстранувањето на прагот од 150 евра за царинење на увезена стока ќе го хармонизира пристапот низ цела ЕУ и ќе ги намали измамите во прекуграничната е-трговија. Отстранувањето на прагот беше предложено од Комисијата претходно оваа година и сè уште не е одобрено од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.



