ПочетнаЕКОНОМИЈАХаос со управувањето со државните спортски објекти

Хаос со управувањето со државните спортски објекти

Државниот завод за ревизија констатира вистински хаос во однос на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за стопанисување со државните објекти за спорт. Самите ревизори се воздржуваат од изразување на мислење за вистинитоста и објективноста на самите извештаи и со усогласувањето на финансиските трансакции со законската регулатива. Ревизорите велат дека не биле ниту во можност да ги потврдат вредностите во Билансот на состојба.

Наодите на Државните ревизори утврдиле дека повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и на обврските и не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката утврдена со попис. Потоа, голем дел од документацијата на Јавното претпијатие е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки од надлежни органи.

Почнувајќи од јануари 2020 година сметководствената евиденција ја врши надворешен правен субјект без при тоа да постои доказ дека за сите позиции во Билансот на состојба искажани на ден 31.12.2019 година ЈП има предадено поткрепувачка и веродостојна документација за нивната дотогаш утврдена вредност. Јавното претпријатие располага со земјиште, градежни објекти, опрема, транспортни средства, средства во подготовка со проценета вредност од 1.971.377 илјади денари, или 31.951.004 евра. За евидентираните земјишта и градежни објекти, ЈП не располага со податоци со кој имот реално располага, нема одлуки на Влада и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, ниту пак постојат историски податоци за нивната вредност, исправка на вредноста, вредносно усогласување низ годините или извршена процена“, стои во ревизорскиот извештај на ДЗР.

Извештајот покажува и дека постои реална можност 82% од евидентираните побарувања да не се наплатат никогаш. Во однос на неисплатените плати кон вработените и неисплатени надоместоци кон членови на УО во износ од 61.448 илјади денари, за нив не беа презентирани акти, одлуки за утврдување и пресметување на платите за вработените, согласности од Владата персонални досиеја за вработените. Наодите велат и дека во 2023 година биле вработени четири лица од кои двајца в.д. директори, а платите и надоместоците долг период се исплаќаат преку цесии и асигнации.

„За обврските спрема добавувачи во износ од 32.465 илјади денари утврдивме дека за 30% од нив или 9.890 илјади денари не постои податок за назив на добавувачот поради што не е можно да се утврди нивната основаност и законитост, додека 9.426 илјади денари или 29% од обврските се неплатени обврски за електрична енергија, водовод и канализација, поштенски услуги и сл.“, стои во извештајот.

Во однос на обврските за данок на додадена вредност, персонален данок на доход данок на личен доход, данок од добивка, даноци и придонеси за плата и надоместоци проценети во износ од 111.870 илјади денари или 1.813.128 евра, не се усогласени со состојбите во бруто билансот и не се кореспонденти со податоците објавените од УЈП за долгови кои не се платени до 31.12.2023 година, по истите основи. Ревизорите велат дека не биле во можност да потврдат дека приходите за 2023 година во износ од 6.212 илјади денари се според сите активни договори и во висина на договорениот надомест за закуп.

„Со измени, дополнувања и одложувања на примена на одредбите со кои се укинува ЈП, а надлежностите се пренесуваат на органот надлежен од областа на спортот за објектите од национално значење, како и нивно поништување 13 дена откако влегле во сила, придонеле ЈП и понатаму да работи без законски основ. Основачот на ЈП во континуитет до 2023 година именува директори и членови на УО на ЈП, при тоа, по последното разрешување на членови на Надзорен одбор од 2017 година, ЈП функционира без надзорен орган“, пишува во извештајот.

Поразително е тоа што Јавното претпријатие не располага со точни податоци и информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува, не е извршено запишување во јавните книги, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот. Дополнително, ревизорите извршиле анализа на договорите за дел од објектите кои се дадени на користење на други правни субјекти при што е утврдено дека, објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години, договорените закупнини се мали во однос на просторот што се дава, а закупецот може истите да ги дава во подзакуп, не постои документација за промените запишани во имотните листови во однос на сопственост од легализација, приватизација или по друг основ. Потоа, нема документација со која ќе се потврдат инвестициските вложувања од страна на закупецот предвидени со договорите, се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки, и покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и понатаму бесправно ги користат.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП