ПочетнаЕКОНОМИЈАОва е листата на најмоќните пасоши! Сингапур на врвот, еве каде...

Ова е листата на најмоќните пасоши! Сингапур на врвот, еве каде е Македонија

Македонија е на 38-то место меѓу земјите со најмоќни пасоши во светот, со безвизен режим или визи при пристигнување за 130 дестинации од вкупно 227, според најновите податоци на „The Henley Passport Index“, на чија листа Сингапур е сè уште на врвот.

Според истиот индекс, Босна и Херцеговина го зазема 42-то место, Црна Гора е на 40-то место, Србија 34-то место, додека Хрватска и Словенија го делат деветтото место.

Сингапурците сè уште го имаат најмоќниот пасош во светот, со безвизен пристап до 193 дестинации од вкупно 227.

На второ место се Јапонија и Јужна Кореја со пристап до 190 дестинации, додека третото место го делат седум членки на Европската Унија – Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија и Шпанија, со по 189 дестинации.

Велика Британија и Соединетите Американски Држави, кои претходно беа меѓу земјите со најмоќни пасоши во светот (Велика Британија во 2015 година и САД во 2014 година), бележат пад и сега се наоѓаат на шестото и десеттото место, соодветно.

Британскиот пасош овозможува пристап до 186 земји, додека американскиот пасош важи за 182 дестинации.

На дното на листата е Авганистан, на 99-то место, чии граѓани можат да патуваат без виза само до 25 дестинации.

По нив следуваат Сирија на 98-мо место со 27 дестинации и Ирак на 97-мо место со пристап до 30 земји.

The Henley Passport Index го објавува консалтинг компанијата „Henley & Partners“, која се занимава со консалтинг во областа на државјанството и правата на престој.

Рангирањето се составува двапати годишно, во јануари и јули, и користи ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), следејќи го бројот на дестинации што носителите на пасош можат да ги посетат без виза.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП