Никој повеќе не сонува за биро, осум часа работа и шеф што те гледа преку рамо. Наместо тоа, сè повеќе млади, а и не така млади, си го бараат местото под дигиталното сонце.
Фриленсот стана спас за оние што не сакаат да чекаат некој да им определи работно место, туку сами си го создаваат. Од дома, од кафуле или од некоја планина со сигнал.
Македонија полека, но сигурно влегува на глобалната мапа на фриленсери. Од млади кои пишуваат текстови за американски блогови, до ИТ стручњаци што кодираат по цел ден, па дури и графички дизајнери кои го прават логото на некоја јапонска компанија, сите тие работат од истото место: нивниот лаптоп. Во кујната. Или во дневна.
Што најмногу се бара?
Ако се прашувате што „проаѓа“, списокот е прилично широк, ама не е случаен. Најбарани се програмирање, веб-дизајн, SEO оптимизација, копирајтинг, монтажа на видеа, поддршка за корисници, и да — и преводи, ама само ако сте перфектни на барем два јазици. Не „онака“, туку навистина.
Се бара и гласовна нарација (voice over), па дури и виртуелни асистенти кои ќе ви организираат календар, ќе одговараат на мејлови или ќе прават таблици за клиенти од Канада или Австралија кои никогаш нема ни да ги запознаете.
Интересно, еден тренд што се појавува последниве месеци е зголемената побарувачка за AI-тестери, луѓе што ќе „исправаат“ содржина создадена од вештачка интелигенција. Иронијата е очигледна, ама и профитабилна.
А парите?
Па, тука веќе сликата е шарена. Почетници што едвај ја разбираат логиката на платформите (како Upwork, Fiverr или Freelancer.com) често работат за симболични суми, односнко по 5 или 10 долари за работа што реално вреди петпати повеќе. Но, со текот на времето, профилот се гради, рејтинзите се качуваат и… цената расте.
Средно искусен фриленсер од Скопје или од Битола може да заработи од 500 до 1.500 евра месечно — без да мрдне од дома. Ако знае што прави, ако работи дисциплинирано и ако успее да се пробие до „добрите“ клиенти.
Не зборуваме за фантазии. Ова се реални бројки, проверени со неколку фриленсери што самите ги сретнавме (едниот ни одговори на мејл во 3:00 наутро, оти тогаш му беше смена).
Но… не е баш мед и млеко.
Не е сè само лаптоп на плажа и кафе од Старбакс. Конкуренцијата е брутална, особено од Индија, Пакистан и Филипини, каде луѓето работат за цени што во Европа се сметаат за навреда. Треба трпение, конзистентност и — брутално искрен профил. Плус, плаќањето даноци и справувањето со бирократија кај нас сè уште е… како да кажеме, тешка борба.
Некои успеваат да се регистрираат како самовработени, други работат преку агенции што посредуваат, а трети не пријавуваат ништо. Не е препорачливо, ама се случува.
Фриленсот не е само моден тренд. Тоа е можност. За некого е спас. За друг е шанса да живее по свои правила. А за сите нас е потсетник дека не мораш да си физички во Берлин или во Њујорк за да работиш со луѓе од таму.
Треба само добар интернет, доволно храброст за да почнеш… и уште повеќе трпение за да не се откажеш првата недела. Или првиот месец.
Б.З.М.



