ПочетнаЕКОНОМИЈАСупермаркетите ги „јадат“ мини-маркетите

Супермаркетите ги „јадат“ мини-маркетите

Пластични кеси што шушаат под тезга и газда со веќе добро познато „Што има ново, комшија?“ е сценарио што сè поретко се гледа.

Местото на старата бакалница го заземаат модерни маркети, каде шифрата за попуст важи повеќе од секојдневното „на вересија“. Но, малите продавници, иако со едвај доволен здив, сè уште не капитулирале.

„Нас ни е тешко, ама не се откажуваме“, раскажува Миле, сопственик на мини-маркет во Скопје. Повеќе од 25 години продавница му е и работа, и муабет, и дневен весник.

„Луѓето сакаат близина, не секој има време или волја да оди до голем маркет за литро млеко. Кај нас влегуваат и без да купат, само за здраво“.

Но реалноста е… погруба.

Големите синџири имаат моќ да набавуваат поевтино, да рекламираат агресивно, да нудат широк асортиман и бесконечни акции.

Еден мал трговец тоа не може да го стигне, дури и ако сака. Кога супермаркетот нуди чоколадо по пониска цена од набавната што ја има дуќанџијата, прашањето не е дали ќе изгуби, туку само кога.

Сепак, не е сè толку црно. Во мали места без голем супермаркет во близина, локалните продавници преживуваат, па и напредуваат.

Тука важи нешто што не се мери со пари: доверба. Купувачот знае дека може да земе, па да плати утре. Или дека газдата ќе му даде точната мерка, без да премерува.

„Јас знам што јаде секој во зградава“, вели Благица, која го држи својот дуќан во населба над 30 години. „Кога некој ќе се разболи, му нудам супа. Без да бара“.

А тука е и „тајното оружје“: персонализацијата. Во малите продавници, нема редици. Има „да ти дадам свежо сирење“, „од вчера е лебот, ама и денес е добар“, и „кејф ти е, отвори си сам фрижидерот“. Тоа се тие ситни човечки гестови што прават разлика без големи маркетинг кампањи.

Но времето не им е сојузник. Новите генерации сè помалку ја гледаат романтиката во четири ѕида со полици и тетратка за долг. Ако нема модерна апликација, ако нема клима, ако не свети оддалеку – не влегуваат. А трговците стануваат сѐ постари. Нема кој да продолжи.

Државата? Не прашувај. Поддршка има, ама само на хартија. Реално, ако немаш силна мрежа или врска, сам си. И тоа, многу често, со фискален апарат кој е поскап од дневната заработка.

Па сепак – опстојуваат. Како стара песна што тивко свири под бучавата на новото време. Сè додека има некој што ќе ја слушне. Или барем… ќе купи леб и ќе каже: „Врати ми кусур следен пат“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП