Високиот холестерол честопати не покажува никакви симптоми, па затоа многу луѓе не се свесни дека имаат зголемен ризик од срцеви и мозочни удари.
Сепак, постојат три видливи знаци на телото кои би можеле да укажуваат на овој тивок, но опасен проблем, предупредуваат експертите од Британската фондација за срце.
Отекување на Ахиловата тетива
Еден знак за висок холестерол може да биде оток во задниот дел на глуждот, поточно на Ахиловата тетива. Ова е натрупување на холестерол во тетивите, познато како ксантома на тетивата. Овие натрупувања се појавуваат во форма на жолтеникави нодули или грутки, а можат да се појават и на зглобовите на прстите и колената.
Иако најчесто се поврзани со покачени масти во крвта, ваквите ксантоми можат да бидат и знак на ретки наследни нарушувања, како што е церебротединозна ксантоматоза (ретко метаболичко нарушување).
Жолти дамки на очните капаци
Појавата на жолти наслаги на очните капаци, особено во близина на внатрешниот агол на окото, е позната како ксантелазма. Белузлав прстен околу ирисот на окото, познат како arcus corneae, може да биде и предупредувачки знак. Кај постарите лица, овој феномен е чест и безопасен, но кај помладите луѓе може да биде сигнал дека холестеролот е значително покачен.
Жолти израстоци на кожата
Мали, жолти или портокалови грутки што се појавуваат на кожата, најчесто на лактите, колената, рацете или задникот, исто така можат да укажуваат на висок холестерол. Ова се класични ксантоми на кожата кои се формираат поради масни наслаги во телото.
Ако забележите некој од овие симптоми, важно е да посетите лекар. Зголемениот холестерол може да се утврди со сигурност само преку крвен тест. Раното откривање е клучот за спречување на сериозни компликации, особено кај луѓе со семејна историја на болеста.
Може ли холестеролот успешно да се контролира?
Иако не можете да го излекувате високиот холестерол преку ноќ, тој може да се контролира. Првиот чекор е да направите промени во животниот стил: повеќе вежбање, поздрава исхрана, помалку алкохол и откажување од пушење. Во некои случаи, вашиот лекар може да ви препише лекови како што се статини.
„Високиот холестерол е скриен ризик што може да предизвика сериозни последици без никакви рани симптоми. Затоа се неопходни редовни прегледи“, предупредува Британската фондација за срце.



