Најчесто кога ќе се спомене заработка од туризам, луѓето веднаш мислат дека треба да имаат апартман или соба за издавање. Ама, кој вели дека тоа е единствениот начин? Всушност, далеку од тоа. Може да имаш добра заработка од туристите и без воопшто да се заморуваш со менување чаршафи и бришење подови.
Еве неколку идеи за заработка кои се прилично реални, па дури и профитабилни, а не бараат да поседуваш недвижнина или да бркаш гости што гласно пуштаат музика во 2 часот наутро.
Прво и основно, организирај кратки тури или излети. Ако си локалец и си ја знаеш средината подобро од која било апликација, одлично, ова е твоја шанса. Туристите често сакаат нешто поинакво, нешто што нема да го најдат во стандардните туристички водичи. Покажи им го тоа што само ти го знаеш: тајни улички, места со најдобро кафе, легенди што ги паметат само старите мештани… Едноставно, продај им автентично искуство.
Вториот начин е нешто поинакво. Продавај домашна, автентична храна. Го знаете она чувство кога одите во странство и сакате да пробате нешто навистина локално, нешто што не се купува во продавница? Па, токму тоа. Ако знаеш да правиш ајвар, слатко, ликер, или нешто слично – ова е прилика да ги пакуваш производите, стави им убава етикета и понуди ги директно или на штанд пред твојата куќа. Верувај, странците многу повеќе сакаат такви сувенири отколку магнетче направено во Кина.
Трето, ако добро зборуваш странски јазици, можеш да заработиш од преведување и посредување. Тоа е многу практично за места каде што туристите не се снаоѓаат баш најдобро со локалниот јазик, па лесно ќе платат за да добијат помош при административни процедури, комуникација во институции или едноставно договарање на локален превоз.
Еве уште нешто интересно, ако си вешт со раце или знаеш некој занает: продавај рачно изработени предмети. Секаков тип на сувенири, накит, уникатни парчиња облека или украсни детали се секогаш барани, особено ако изгледаат поинаку и се вистински рачно направени. Туристите сакаат да понесат нешто оригинално, нешто што ќе ги потсетува дека не го купиле во обична продавница.
И за крај, идеја која можеби ќе ви биде чудна на прва, ама функционира: организирај работилници или часови за туристите. Тоа може да биде работилница за готвење на локални специјалитети, час по фотографија на најсликовитите локации, или едноставно „час“ како да се преживее во некоја урбана џунгла. Луѓето сакаат да учат, а најдобро се учи низ забава.
Па, што чекаш? Размисли малку поинаку и… кој вели дека парите се само во собите?
Б.З.М.



