ПочетнаЕКОНОМИЈАГласот на бизнисот: Малите продавници, запоставени двигатели на економијата во споредба со...

Гласот на бизнисот: Малите продавници, запоставени двигатели на економијата во споредба со регионот

Додека во земји како Словенија, Хрватска и Србија малите продавници добиваат сериозна институционална поддршка, во Македонија тие сè уште се борат за преживување, без суштинска стратегија од државата што ќе им го олесни опстанокот и развојот.

Малите трговци, сопственици на локални продавници, маркети, дуќани и други микро-претпријатија, не се само дел од трговскиот ланец, туку и вистински столб на локалната економија. Тие самовработуваат, ги подмируваат сите даночни и комунални обврски, a воедно нудат и повисоко ниво на услуга и личен однос со купувачите, нешто што ретко се добива во големите трговски ланци.

Сепак, во Македонија тие остануваат на маргините на економските политики.

Што се случува во регионот?

Во Словенија на пример, малите продавници имаат пристап до субвенции за закуп на деловен простор во рурални средини, ослободување од дел од даноците за првите неколку години работа, како и едноставни процедури за добивање на кредити со ниска камата. Во Хрватска, пак, постојат програми за дигитализација и едукација на малите трговци, за да можат полесно да се прилагодат на новите навики на потрошувачите.

Во Србија, државата воведе платформа за директно поврзување на малите бизниси со локални добавувачи, а локалните самоуправи имаат обврска да ги вклучат во јавните набавки кога станува збор за прехрана или основни производи.

Што се случува кај нас?

Во Македонија, малите продавници најчесто остануваат сами на пазарот. Немaaт пристап до евтини кредити, ниту поддршка за технолошки напредок. Повеќето не можат да си дозволат ниту социјално осигурување за себе, а камоли за вработените. Покрај тоа, притиснати се од нелојалната конкуренција, големите синџири кои често добиваат повластени услови за увоз и простор.

Сопствениците велат дека им е потребна стратегија од државата, а не милост.

„Не бараме милост. Бараме еднакви услови за работа и барем дел од вниманието што државата им го посветува на големите“, вели Даниела, сопственичка на продавница во Аеродром. „Секоја сабота и недела работиме, исто така и за празниците. А кога ќе дојдат инспекции, најчесто кај нас доаѓаат први. Немаме ниту време ниту пари за адвокати и консултанти.“

Време е за нов пристап. Малите продавници не бараат специјален третман, туку рамноправност и разбирање. За државата, тоа би значело минимален трошок, но огромен ефект, задржување на работните места, подобрување на даночната дисциплина и создавање на силна, локална економија.

Гласот на малиот бизнис треба да се слушне. И не само да се слушне, туку и да се претвори во конкретна политика.

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП