Кога тргнуваш на летување во Грција, очекуваш сè и сешто: долгите чекања на граница, нервозни цариници, понекоја гужва на плажа, па и солена цена на гирото или на лежалките.
Но, она што сигурно не го очекуваш е дека некој ќе ти побара да му покажеш кутија за прва помош, па уште и дека ќе заврши со казна од 100 евра затоа што ти е стара.
Да, баш така – стара кутија за прва помош.
Неколку туристи од Македонија и од Србија во последните денови на социјалните мрежи со неверување реагираат дека грчката полиција почнала да ги казнува поради тоа што имале кутија за прва помош чиј датум на производство бил постар од две години. А казната, велат, никако не е мала – рамни 100 евра.
Милан Јовиќ од Ниш, кој бил запрен на пат кон Халкидики, раскажува што се случило:
„Прво ми побараа флуросцентен елек и кутија за прва помош. Се изненадив, си велам добро, елек имам, кутија имам, што може да тргне наопаку? Полицаецот мирно провери дали сè е тука, а потоа почна нешто чудно да разгледува. Гледам, ја врти кутијата и пребарува по датумите. Рече – ‘кутијата ви е постара од две години’. Јас збунеет, му викам: ‘А што има врска тоа? Па завој е тоа, ханзапласт, може ли да истече рок на завој?’ Не ме ни сослуша. Извади блокче и ми напиша казна од 100 евра“.
Милан не е единствениот. Слична приказна имаат и неколкумина Македонци кои беа доволно изненадени за да го споделат случајот јавно на интернет, предупредувајќи ги другите туристи да бидат внимателни.
Некои дури се пошегуваа дека можеби наскоро ќе почнат да го проверуваат и датумот на производство на сигурносниот триаголник.
Сепак, ова не е некаква шега од полицијата, туку реална регулатива во Грција која вели дека секој возач мора да има кутија за прва помош со датум не постар од две години. Апсурдно? Можеби. Но, правилата се правила.
Останува прашањето дали оваа мерка навистина придонесува за поголема безбедност или е само уште еден начин да се наполни буџетот од туристите. Се разбира, се препорачува внимателност и проверка на кутиите пред тргнување на одмор, за да не заврши летувањето со дополнителен, непланиран трошок.
А во меѓувреме, Милан сè уште се чуди и повторува: „Па што ќе му се случи на еден завој ако стои три, четири, па и десет години? Тоа не е јогурт, па да се расипе!“.
Б.З.М.



