ПочетнаЕКОНОМИЈАЧекаат пензија за да се вработат – пензионерите пред нови предизвици

Чекаат пензија за да се вработат – пензионерите пред нови предизвици

Во маркетите низ земјава во последно време има една невообичаена глетка: пензионери зад касите, по ходниците, меѓу полиците со производи. Постарите луѓе, кои до неодамна најчесто се гледаа како муштерии, сега повторно носат униформи и работат на работни позиции што обично им припаѓаат на помлади генерации.

„Искрено, не мислев дека повторно ќе работам откако заминав во пензија,“ вели 67-годишната Милка, која веќе втор месец работи како касиерка во еден голем супермаркет во Скопје. „Но, пензијата е мала, а и дома цел ден да седам – не можам, ме убива здодевност. Вака барем сум меѓу луѓе, ќе размениме некоја шега, ќе си го пополнам времето. Не ми е тешко“.                                     
Слична ситуација има и кај такси компаниите. Постарите возачи станаа „посакувани“ во браншата. Некои компании веќе отворено во своите огласи ги охрабруваат пензионерите да возат такси, па дури и да одберат дали сакаат полно или скратено работно време.
Јован, поранешен вработен во администрација, денес е таксист.

„Целиот живот бев канцелариски работник. Сега, еве ме на улица, меѓу луѓе, се движам низ градот. Искрено, ми годи. Има денови кога работам само неколку часа, колку да ми биде интересно. А има и денови кога сакам да избегам од дома, па работам подолго“, вели тој со насмевка.

Недостатокот од работна сила стана толку сериозен проблем што дури и транспортните компании сè почесто посегнуваат по пензионираните возачи.

Возењето камион на долги релации е професија што не е баш популарна меѓу младите, па луѓето над 60 години сè повеќе се враќаат зад воланот.

„Не можеме поинаку. Искусните возачи се незаменливи, иако по малку чудно изгледа пензионер да вози меѓународна тура. Ама така е“, вели Кире, сопственик на транспортна фирма од Битола.

Најнеобичниот потег сепак го направи Владата, која неодамна донесе одлука од пензија да врати пилоти, ветерани кои имаат искуство во гаснење на шумски пожари.

„Да не беа тие луѓе, ова лето ќе ни беше многу потешко,“ признаваат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Дали оваа практика е добра или лоша – мислењата се поделени. Некои го сметаат ова за добра шанса пензионерите да останат активни и да заработат дополнително, други пак предупредуваат дека тоа може да биде знак дека пазарот на труд е во сериозна криза.

Како и да е, едно е јасно: пензијата во Македонија сè помалку значи мирен одмор, а сè почесто – нов почеток.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП