ПочетнаАВТОБИЗ„Стелантис“ објави загуба од 2,3 милијарди евра во првата половина од 2025...

„Стелантис“ објави загуба од 2,3 милијарди евра во првата половина од 2025 година

Производителот на автомобили „Стелантис“ денес објави нето загуба од 2,3 милијарди евра во првата половина од 2025 година, како резултат на падот на продажбата во Европа и САД и трошоците поврзани со прекинувањето на производството на некои модели, покажуваат прелиминарните резултати.

Во првата половина од 2024 година, француско-италијанско-американската група, која произведува седум видови автомобили, вклучувајќи ги „Пежо“, „Фиат“ и „Крајслер“, имаше нето добивка од 5,6 милијарди евра, што веќе е за 48 проценти помалку од рекордното ниво од 2023 година.

Во првите шест месеци од оваа година, „Стелантис“ оствари промет од 74,3 милијарди евра, според соопштението на групацијата, што претставува пад од 12,5 проценти во споредба со истиот период во 2024 година.

Меѓу факторите што ја објаснуваат загубата, групата ги наведува привремените прекини во производството како одговор на новите тарифи во Северна Америка и транзицијата на снабдувањето со производство во проширената Европа.

Бројот на возила испорачани во претставништвата се намали за шест проценти во вториот квартал од 2025 година на 1,45 милиони возила.

Групата, исто така, вели дека мерките преземени за подобрување на перформансите и профитабилноста на возилата се сè уште во прелиминарна фаза и треба да имаат поголеми позитивни ефекти во текот на втората половина од 2025 година.

„Стелантис“ ги суспендираше своите финансиски прогнози на 30 април поради неизвесностите предизвикани од воведувањето на американските царини. Финансиските резултати за вториот семестар ќе бидат објавени според закажаното на 29 јули, се вели во соопштението.

Акционерите на „Стелантис“ во голем број го одобрија назначувањето на Италијанецот Антонио Филоса за раководител на компанијата на вонредното општо собрание во петокот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП