ПочетнаЕКОНОМИЈАКај поскапуваат, па и се смалуваат

Кај поскапуваат, па и се смалуваат

Што е заедничко за чоколадо, пакетче чипс, кутија паштета и шише јогурт? Едноставно – сите стануваат полесни, но не и поевтини.

Ваквата практика, позната како прикриена или „скратена“ инфлација, веќе ги извади од такт купувачите низ Европа, а сега е препознаена и кај нас.

Неодамнешниот пример со „милка“ во Германија стана топ-тема откако граѓаните го прогласија за најголема измама на годината. Имено, чоколадото тивко „слабее“ од 100 на 90 грама, а цената, за инает, расте од 1,49 на дури 1,99 евра. Потрошувачите, очекувано, го изгубија трпението и ја нарекоа оваа манипулација „рекламна лага на векот“.

Истиот тренд, според Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), е присутен во нашата земја уште од далечната 2008 година, кога кризата ги турна цените нагоре, а грамовите надолу.

„Земаш во раце чоколадо и си викаш – ова некако ми е лесно! Гледаш и гледаш, и оп, сфаќаш дека од 100 грама станало 80-90, а цената, нормално, не е намалена“, брифираат од ОПМ.

И ова не е исклучок, туку правило. Не се работи само за слатки. И паштетите, чипсовите, јаткастите плодови се „стеснија“, додека кај зејтинот стандардното литарско шише чудесно се претвори во 750 милилитри. Па така, штом јогуртот е во пакување од половина килограм – тоа веќе ни се претставува како „бонус“.

Граѓаните имаат различни реакции, најчесто револтирани.

„Сè е скапо, а и сè е помало. Ако порано со 500 денари ќе купев нешто за дома, сега сум во шок кога гледам колку брзо ми се празни кесата“, вели Даница (42) од Скопје.

Не се „намалуваат“ само прехранбените производи. И кремите за лице и телото, шамичињата, дури и тоалетната хартија се потенки и пократки. Ваквата ситуација оди толку далеку што и храната за домашните миленици е на диета. Ама не доброволно.

„Се чувствувам како некој постојано да ме прави будала“, додава Петар (35), татко на две деца, кој вели дека секоја недела забележува нешто помало во количина, а поголемо на сметката.

Во ОПМ потенцираат дека ова е нефер практика кон купувачите, но законски е чиста, односно дозволена. Производителите не се должни да информираат дека намалуваат грамажа, па напротив – намерно не ја менуваат амбалажата за да не се примети веднаш.

И Европа не е имуна. Потрошувачите во Германија, Франција и Италија веќе неколку години се жалат дека ситните букви на декларациите ги „маѓепсуваат“ и дека доцна сфаќаат оти купиле помалку за повеќе пари.

Дополнително, речиси како за инает, на пакувањата често пишува „100% природно“, додека реалноста е сосема спротивна – хемија во форма на арома, боила и што ли уште не.

„Како потрошувачи, мора да почнеме да читаме декларации. Инаку, постојано ќе бидеме лесна мета за вакви маркетиншки трикови. И нема крај – кога еднаш ќе намалат, повеќе не ја зголемуваат грамажата. Напротив, се случува пак да намалат“, појаснуваат експертите.

Па, што останува за обичниот купувач? Будност и внимателност, велат од организациите за потрошувачи.

„Кога гледам цената останува иста, си велам – добро е, барем не се качила. А после гледам, на кесето му недостига нешто. Сè почесто се чувствувам измамено“, искрена е Весна од Куманово.

И додека производителите ги играат своите игри, а законите молчат, останува само едно прашање – до кога купувачите ќе ги затвораат очите пред ситно напишаните грамажи?

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП