ПочетнаЕКОНОМИЈА„Има години кога и одморот во Охрид е недостижен“

„Има години кога и одморот во Охрид е недостижен“

Замислете, цела година работите, штедите, сонувате за море, планина, тишина. И кога ќе дојде летото, сфаќате дека повторно ќе останете дома. Не од инает. Туку затоа што немате доволно пари.

Најновите податоци од „Евростат“ велат дека дури 27% од граѓаните на Европската Унија не можат да си дозволат ни еднонеделен одмор надвор од местото каде што живеат.

Иако тоа звучи многу, за Македонија таа бројка е уште потешка. Иако земјава не е дел од ЕУ, според последните достапни податоци, над половина од македонските граѓани немаат можност финансиски да заминат ниту седум дена на одмор.

И тоа не е само статистика.

„Децата ми пораснаа, а не знаат што значи да преспиеш во апартман покрај море“, ни вели Соња, 40-годишна продавачка од Штип. „Имам два работни ангажмани, ама кога ќе дојде лето, гледам како други заминуваат, а јас… јас пресметувам како да ја склопам киријата со сметките“.

Во поширокиот регион ситуацијата е уште потмрачна. Според податоците, во Косово, 69,5% од луѓето не можат да си дозволат одмор. Во Црна Гора – 67,2%. Во Турција 60,8%, а во Албанија 58,3%. Македонија не е изолиран случај, ама тоа не ја прави болката полесна.

Во Унијата, пак, разликите се драстични. Најтешко им е на жителите на Романија (58,6%), Грција (46%) и Бугарија (41,4%). Од другата страна – Луксембург, Шведска и Холандија. Таму само мал процент – 8,9%, 11,6% и 13% – не можат да заминат на одмор.

„Има години кога ни Охрид не ми е достижен“, вели Александар, 47-годишен вработен во приватна фирма. „Гледам луѓе од странство доаѓаат, трошат пари, си прават убаво. А ние тука? Секој ден е борба со прехрана, гориво, рати. Одмор? Тоа е луксуз“.

Ако пред десетина години се одеше на одмор на кредит, денес – ни кредитот не помага. Банкарските услови се построги, животните трошоци повисоки, а сигурноста во иднината е кревка како стакло.

Македонија е дел од светот, ама како да се движи во поинаков ритам. Ритам каде што еднонеделен одмор станува далечна илузија, а статистиката – студена потврда на едно болно секојдневие.

И сето ова не е прашање на луксуз, туку на достоинство. Бидејќи секој човек има право на одмор. На здив. На една недела во годината без грижи. Или барем така би требало да биде. Но тука… реалноста не прашува.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП