ПочетнаЕКОНОМИЈАКако државата може да ги спаси малите трговци, креаторите на локалната економија

Како државата може да ги спаси малите трговци, креаторите на локалната економија

Во време кога сè повеќе мали продавници затвораат низ Македонија, неопходно е институциите да ги препознаат како еден од најважните столбови на домашната економија. Малите трговци не се само бизниси, туку тие се семејства кои се самовработуваат, редовно ги подмируваат своите обврски кон државата и креираат топол и човечки однос со секој купувач.

Што може да се направи за да ги задржиме?

Како за почеток, потребно е намалување на административните трошоци и даночниот товар кои го плаќаат тие. Малите трговци често се оптоварени со иста бирократија како големите компании, па затоа потребни се поедноставени процедури, попусти за лиценци и олеснет пристап до субвенции.

Следно што треба да се направи е финансиска поддршка и грантови за овој тип на компании. Истото може да се направи со воведување на државни грантови за мали продавници, особено во рурални или населби во кои нема големи маркети, со што ќе се допринесе за зајакнување на нивната позиција и ќе се обезбеди локален економски раст.

Дополнително, потребно е и ослободување од дел од придонесите за нововработени, со цел да се доекипираат. За да охрабри државата отворање нови работни места, може да понуди даночни олеснувања или ослободување од дел од придонесите за нововработени во малите продавници.

Исто така е битно да им се даде и поддршка при дигитализација. Многу мали продавници немаат пристап до онлајн продажба. Со државна поддршка за воведување на едноставни платформи, тие би можеле да се модернизираат и да ја прошират својата палета на клиенти.

Државните институции, општините и јавните набавки треба да даваат приоритет на мали локални трговци, особено кога станува збор за набавка на канцелариски материјали, храна и други основни производи.

Зошто се важни малите трговци?

Малите продавници се срцето на секој град и село. Таму купувачот има име, а не е само бројка. Тие обезбедуваат работа, плаќаат даноци, а воедно и придонесуваат за одржување на животот во малите заедници.

Доколку сакаме здрава економија и рамномерен развој, мора да започнеме од најмалите. Државата треба да препознае дека токму овие трговци се креатори на економската стабилност и потребно е да инвестира во нивната иднина.

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП