Од Независниот синдикат на здравството за Денар велат дека успеале да договорат со властите подобри услови за вработените во Здравствен дом Скопје. Според информациите кои ги добивме во понеделник ќе биде отворен оглас за вработување на сите кои имаат договор на дело. Во исто време од овој синдикат излегоа со Иницијатива за воведување на траен додаток на плата.
Континуираните синдикални напори за добивање на решен статус на вработените со договор на дело во Здравствен дом Скопје ќе резултира со позитивен исход, велат од Независниот синдикат на здравствените работници. Вака накратко објаснуваат синдикалците за Денар. Во понеделник најдоцна ќе биде отворен оглас за вработување и со тоа ќе биде решена една голема мака за добар дел од здравствените работници кои со години го чекаат овој момент.
„Кога сите молчеа ние гласно говоревме. Ние бевме крикот за спас, глас на вработсените во здравствениот сектор. Кога сите ги оставија заборавени, ние НСЗП гласно и јавно се боревме за нив. Протестите на градските булевари, пред министерствата, пред владата, тие не игнорираа и континуирано не лажеа. Здравството го ставија на респиратори, а вработените во анафилакса. Благодарение на социјалните договори со новата влада состаноците со Претседателот на владата, состаноците со министерите и советниците ги решававме натрупаните проблеми во здравството. Покачување на платите, покачување на платите во средно медицинскиот персонал, системско решавање на договорците на дело кои беа заборавени и излажани од претходната влада. Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал, секогаш чесно и искрено се борел и ќе се бори за вработените во здравствениот сектор“, велат од НСЗП.
Независниот Синдикат на Здравствените Работници и Административно- техничкиот персонал најави дека ќе упати Иницијатива за прогласување на здравствените работници како работна сила од витално значење за функционирањето на Република Македонија, што би имало импликации во воведување траен додаток на плата поради тежината, природата на работата и отежнатите услови за работа.
Од овој синдикат велат дека заштитата на јавното здравје во услови на сѐ поголем дефицит на кадар ги позиционира здравствените работници како клучни, за здравствениот систем.
„Барањето го темелиме на правната пракса што веќе ја има применето Република Македонија во однос на припадниците на Министерството за внатрешни работи, кои се препознаени како работници со законски прецизно дефиниран додаток на плата поради природата на работата и отежнатите услови. Не негирајќи го правото на другите, бараме идентични права за најдефицитарната категорија работници во Република Македонија“, велат од синдикатот.
Еден од реалните проблеми со кои се соочуваат здравствените работници е тоа што во последниве десетина години се сменија речиси толку министри. И секој со својата приказна, секој со својот план за работа. Тоа придонесе за многу започнати и недовршени проекти, многу ветувања, а малку реализирани проекти.
Од друга страна неколку стотини вработени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ најавија дека ќе протестираат од 10:30 до 11 часот секој ден поради неисполнети ветувања од страна на надлежните и поради доцнење на плати. Децидни се дека од оваа намера нема да се откажат се до исполнување на нивните барања. Имаат барања од 2023 година за зголемување на платите но досега тоа не се случило иако неколку министери тоа им го ветувале. Според информациите, се работи за вработени во службите кои овозможуваат секојдневно функционирање на клиниките – централна стерилизација, клиничка аптека, котлара, обезбедување, кисикана итн. Не се работи за медицински туку за технички персонал без кој работата на клиниките е невозможна. Меѓу нивните барања е потпишување анекс на колективниот договор за да се регулираат платите и да не бидат третирани како „граѓани од втор ред.
И.П



