Сѐ почесто низ македонските градови, па и руралните средини, може да се забележат затворени дуќани со табла „Се издава“ или „Се продава“. Малите продавници, кои со години претставуваа основа на секојдневното снабдување за граѓаните, полека исчезнуваат. Па си го поставуваме прашањето што ги тера сопствениците да ги затвораат вратите?
Најпрво, нерамноправната конкуренција со големите ланци на маркети го прави опстанокот на овие гранапи речиси невозможен. Со пониски цени, поголем асортиман и поагресивен маркетинг, супермаркетите успеваат да ги привлечат купувачите, дури и во најмалите населени места.
Тука се и високите трошоци за работа, како кирија, струја, даноци и сметководство, кои ја намалуваат исплатливоста. За еден мал бизнис со ограничени приходи, тоа претставува сериозен удар.
Исто така, битна е и промената во навиките на купувачите. Сѐ повеќе граѓани се ориентираат кон онлајн купување или купување „на големо“ еднаш неделно од супермаркетите, наместо секојдневно да пазарат од дуќанот во маало.
„Во овој бизнис сум повеќе од 15 години, ама никогаш не било вака тешко. Трошоците растат секој месец, а прометот опаѓа. Луѓето сè повеќе купуваат во супермаркети каде што се брза, а не се ни прашуваат дали нешто им треба. Кај нас доаѓаа поради муабетот, довербата, блискоста, ама сето тоа полека исчезнува. Не бараме помош, туку потребни ни се фер услови за да опстанеме.“ – ни кажа во разговор за Денар, Драган, сопственик на локална продавница од Скопје.
Дополнително на тоа, младите генерации сѐ помалку се решаваат да продолжат со фамилијарниот бизнис, кој често се пренесувал од колено на колено. Наместо тоа, заминуваат во странство или бараат работа во поорганизирани сектори.
Сопствениците на овие мали продавници често велат дека не бараат субвенции или повластен третман, туку фер услови за работа. Многумина веруваат дека без соодветна поддршка, локалната трговија ќе стане дел од минатото, а со тоа ќе се изгуби и една важна нишка од секојдневниот живот во Македонија.
С.Б.



