По неодамнешните случаи отворени од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), јавноста сè повеќе се интересира за тоа како се открива картелско здружување, што се случува во текот на постапката и кои се последиците за компаниите што се фатени во вакви прекршувања.
Случаите со неколку трговски ланци, фармацевтски компании и осигурителни компании, покажуваат дека картелите не се теорија, туку реалност што има директно влијание врз џебот на граѓаните.
Истрагата за картел, односно процедурата обично започнува по дојава од трето лице (анонимна или официјална), по барање од некоја државна институција или по службена должност, кога КЗК се сомнева на усогласено делување врз основа на анализи или податоци од пазарот.
Кога КЗК ќе дојде до основано сомневање, спроведува ненадејна контрола, односно увид во службените простории на компаниите, каде се собираат документи, договори, меилови и останати средства за комуникација.
Картелско здружување се докажува со писмена комуникација (мејлови, пораки, записници), усогласени ценовници испратени од различни компании во исто време, сведочења на вработени или на поранешни вработени, како и со присуство на претставници од конкуренти на неформални состаноци.
Откако ќе се утврди прекршок, комисијата донесува известување за утврдена фактичка состојба, и потоа решение со кое се изрекуваат казни.
Казната може да изнесува до 10% од вкупниот приход на компанијата во претходната година. Покрај казната, компанијата добива и репутациска штета, што најчесто има поголема тежина од самата парична глоба.
Компаниите имаат право на жалба, но тоа не ја поништува казната, туку само ја одложува.
Во случајот со неколку трговски ланци, КЗК откри усогласено однесување при набавка на стоки од добавувачи, со цел да се притиснат да не ги зголемуваат цените, што е недозволено ограничување на конкуренцијата.
Исто така во случајот со десет осигурителни компании, истрагата се однесува на наводна координација за истовремено зголемување на режискиот додаток, дел од цената на осигурување за автоодговорност.
Како реагираат компаниите?
Типични реакции од страна на компаниите се: „Не сме дел од договор“, „Цените се базираат на анализа“, или „Сè што правиме е во рамки на законот“.
Сепак, доколку КЗК има доволно докази, изговорите немаат тежина. Институцијата има право и да побара враќање на стекнатата добивка, дополнително со казната.
Истрагите за картели се сложени, долготрајни и бараат стручна работа. Но, тие се и критично важни за заштита на потрошувачите и фер пазар.
Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, е должна да ги применува најстрогите стандарди за конкуренција, па затоа е важно да има транспарентност во постапките, да се охрабрат пријавувачи и сведоци, и компаниите да знаат дека времето на „договори под маса“ завршува.
С.Б.



