Поразителни податоци за земјава објави европската служба за статистика. Дури 57 отсто од домаќинствата во Македонија не може да си дозволат еднонеделен годишен одмор. Законот за работни односи и покрај тоа што гарантира најмалку 20 работни дена одмор во текот на една календарска година, сепак летувањето за половина од домаќинствата во земјава станува луксуз. Во споредба со земјите од Европската унија, тој процент е далеку понизок и изнесува 27 отсто.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека барањата за раст на платите во земјава не се без причина, туку реална потреба. А потврда за тоа дава сега и Евростат, преку анализа за состојбите со кои се соочуваат домаќинствата и можноста да го искористат летото за одмор на некое од летувалиштата во земјава, регионот или на некое подалечно место.
„Законот за работните односи го гарантира правото на платен годишен одмор, кој изнесува најмалку 20 работни дена. Годишниот одмор може да се продолжи со колективен договор или со договор за вработување, но најмногу до 26 работни дена, со исклучок на определени категории лица што имаат право на зголемен годишен одмор (повозрасните работници, инвалидите, работниците со најмалку 60 % телесно оштетување и работниците што негуваат и чуваат деца со телесен или душевен недостаток имаат право на уште три работни дена годишен одмор) и други критериуми утврдени со колективен договор“, велат од ССМ.
Критериумите врз основа на кои се определува времетраењето на годишниот одмор на работниците се утврдуваат со колективен договор и со договор за вработување. Само за појаснување, меѓу нив спаѓаат времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор. Како денови на годишен одмор не се пресметуваат празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа, додаваат од ССМ.
„Годишниот одмор, по правило, се користи во текот на календарската година. Законот утврдува можност од користење на годишниот одмор во повеќе делови. Притоа, задолжителното траење на еден дел од годишниот одмор изнесува најмалку две непрекинати работни недели. До крајот на календарската година, работодавачот е должен да му обезбеди на работникот искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор, а работникот може да го искористи остатокот до 30 јуни идната година“, велат синдикалците.
Затоа од ССМ велат дека минималната плата мора да се зголеми на најмалку 500 евра, а со тоа да се зголемат и останатите плати за најмалку 100 евра затоа што 55,7% од македонските граѓани не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор.
„Алармантно е тоа што во вредноста на Синдикалната минимална кошница која се обидуваа да ја оспоруваат затоа што во неа според нив се предвидувало луксуз, предвиден е трошок за седум ноќевања во Дојран од 23 до 30 јуни, но пололовина од македонските работници не можат да си го дозволат ниту тоа. Потребен е раст на платите за македонските работници да можат да си овозможат пристоен годишен одмор за себе и за своите семејства, затоа што и минималната и просечната плата се најниски во регионот, а со нив 55,7 % од работниците не можат да си овозможат годишен одмор.“
И покрај континуираните барања за раст на платите од страна на синдикатите, засега од властите не наидоа на позитивни сигнали, туку етикирање дека нивните заложби се политички и нереални. Но, граѓаните најдобро знаат како живеат, и на што ги трошат парите од платите и пензиите кои во споредба со останатите граѓани од Балканот се најниски.
И.П



