ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропските и американските индекси во пораст по изјавата на Трамп дека нема...

Европските и американските индекси во пораст по изјавата на Трамп дека нема да го смени Пауел

Европските и американските берзански индекси денес се во пораст, нафтата поскапе со истовремен пад на цените на златото и пченицата, а пазарите реагираа позитивно на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да го замени претседателот на американската Централна банка, Џером Пауел, и покрај претходните најави.

Само неколку часа откако Трамп изјави во просторија полна со републикански пратеници дека ќе го отпушти претседателот на Федералните резерви Пауел, тој негираше дека ќе го стори тоа.

„Не планираме да го сториме тоа. Не исклучувам ништо, но мислам дека е многу малку веројатно, освен ако не мора да си оди поради измама“, рече Трамп во Белата куќа, според Си-Ен-Ен.

Инвеститорите денес ги следат и најновите извештаи за работењето на големите компании како што се „Novartis, ABB, Volvo или TSMC.

Денес во 9:45 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,82 проценти на 24.274,30 поени, лондонскиот FTSE 100 за 0,32 проценти на 8.955,50 поени, францускиот CAC 40 за 1,10 проценти на 7.808,27 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 0,53 проценти на 44.254,78 поени, индексот S&P 500 за 0,32 проценти на 6.263,70 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,25 проценти на 20.730,49 поени.

Европските фјучерси за гас за август беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 34.910 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта се искачи на 66,415 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 68,531 долари.

Цената на златото падна на 3.331,59 долари за унца, а цената на пченицата на 5,4044 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,15873 долари, што е за 0,41 процент помалку отколку на почетокот на тргувањето.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП