И покрај долгогодишните најави за негово укинување, зелениот картон и натаму останува задолжителен документ за сите граѓани што патуваат со возило надвор од границите на Македонија. Иницијативата за негово укинување или интегрирање во полисата за автоодговорност се уште е во фаза на анализа, а реформите тапкаат во место.
Од Министерството за финансии минатата година најавија дека, заедно со Агенцијата за супервизија на осигурување и Националното биро за осигурување, работат на воспоставување европски модел на осигурување. Идејата е зелениот картон да се вклучи во основната полиса за осигурување, што би го поедноставило процесот на регистрација на возилото, но исто така би ги намалило и трошоците за оние кои патуваат надвор од земјата.
Нашата редакција се обрати до Националното биро за осигурување околу тоа до каде е анализата и процесот, но до објавувањето на овој текст, сеуште немаме добиено одговор од институцијата.
Засега нема никакви конкретни одлуки, без временска рамка, без јасна проекција дали и кога ќе се случи оваа промена.
Кој профитира од статус-квото?
Најголемите добитници од задржувањето на сегашниот систем се осигурителните компании, кои преку продажбата на зелениот картон остваруваат значителен приход. Имајќи предвид дека Македонија има еден од најскапите зелени картони во регионот, профитот не е занемарлив.
Дополнително, брокерите, промоторите и агенциите кои вршат продажба на осигурување исто така имаат корист, бидејќи добиваат провизии од зелениот картон што го наплатуваат од граѓаните.
Кој губи од укинувањето на зелениот картон?
Најголем ризик од најавената реформа имаат граѓаните кои никогаш не патуваат во странство. Ако се воведе моделот во кој зелениот картон ќе биде вграден во цената на регистрацијата, тие ќе мораат да плаќаат за нешто што не го користат.
Ова особено ги засега земјоделците и жителите во руралните подрачја, граѓаните со ниски примања, како и луѓето кои автомобилот го користат единствено за локални потреби.
Во моментов, тие немаат обврска да платат за зелен картон, но со евентуалната измена на законот, тоа би се променило.
Колку чини зелениот картон?
Според ценовникот зелениот картон чини:
- За патничко возило до 66 киловати: 3.690 денари годишно
- Над 66 киловати: 5.536 денари
- За камиони и автобуси: до 17.222 денари
Важно е да се напомене дека валидноста на зелениот картон е максимални 12 месеци или во рамки на времетраењето на полисата за автоодговорност.
Како е во Европа и во регионот?
Во многу држави од ЕУ, како и во Србија, Словенија, Грција, Босна и Херцеговина, зелениот картон е веќе интегриран во полисата за осигурување, па сите плаќаат исто, без разлика дали патуваат или не. Тоа е фер модел ако се применува во систем со поддршка и транспарентност.
Но, во Македонија, таква промена би значела дека и оние кои никогаш не излегле надвор од државата, ќе бидат финансиски оптоварени со дополнителна сума, само заради промената на системот.
Во моментов, зелениот картон е избор, не обврска. Се издава само ако планирате да патувате со автомобил во странство.
Секој друг возач кој го користи возилото исклучиво во рамки на Македонија нема обврска да го купи зелениот картон.
Сè додека не се усвои нов закон, сите најави за интегрирање во полисата се само предлог. Но, токму тие носат потенцијална опасност, ако не се направи внимателна проценка, ќе се создаде нов трошок за десетици илјади граѓани кои реално немаат потреба од овој документ.
С.Б.



