Граѓаните и летово чекаат „летна кошница“ или некое ново замрзнување на цените што буквално го горат џебот на секое семејство. Што ќе биде преземено и дали Владата конечно ќе најде рецепт за стивнување на ценовниот пламен, засега е отворено прашање.
Премиерот Христијан Мицкоски не беше особено прецизен кога новинарите го прашаа што точно планира Владата. Тој рече дека допрва ќе седне и ќе разговара со министерот за економија Бесар Дурмиши за конкретните мерки кои би требало да ги запрат овие поскапувања.
„Искрено, во моментов немам такви информации дека е речиси готова листата на мерки, било да се работи за замрзнување на маржите, на цените или за некоја специфична кошничка“, рече Мицкоски и додаде дека по настанот веднаш оди на состанок со министерот за да видат кои се следните чекори.
Но, едно е јасно – до крајот на јули се очекува седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Тоа е телото каде најпосле ќе се расправаат конкретните предлози и мерки за ублажување на ценовниот удар врз граѓаните. На иста маса ќе се најдат и минималната плата, како и долгонајавуваната владина „потрошувачка кошница“.
Таа, за жал, требаше да биде презентирана уште пролетва што измина, ама еве – веќе летото е во полн ек, а од неа уште нема ни трага, ни глас.
Министерството за економија, од своја страна, сè уште врши анализи и го одмерува теренот. Таму се внимателни, не сакаат да брзаат, ама ветуваат дека ако се повтори ценовниот шок и во наредниот месец, Владата ќе преземе мерки.
Министерот Дурмиши не сакаше да шпекулира, но вели дека се размислува за мерки кои би биле подолгорочно решение.
„Овојпат, клучна идеја е да ги зајакнеме домашните земјоделци и производители на храна. Мора да почнеме да создаваме услови за производство дома, бидејќи, да не се лажеме, 80 отсто од храната ја увезуваме. Ако тргнеме да го јакнеме домашното производство, тоа ќе значи и пониски цени за граѓаните“, објасни Дурмиши.
Сојузот на синдикати на Македонија веќе неколку пати ургира дека седницата на ЕСС не смее да се одложува. Велат, секој ден е драгоцен. Плус, има една компликација: во август треба да се распишат локалните избори, а тоа значи… па, сè друго запира.
Практично, ако Владата сака нешто да направи, има малку време за дејствување.
Инаку, цените продолжуваат да растат, статистиката повторно носи непријатни вести. Во јуни годинава инфлацијата достигна 4,5 отсто, со значителен скок кај храната – таа е дури 6,3 проценти поскапа споредено со истиот период лани.
И, да бидеме искрени, тоа веќе се чувствува на секој чекор – на пазарите, во маркетите, ама најмногу во домашниот буџет.
Граѓаните се уморни од чекање и ветувања, и сакаат брзи мерки, а не уште една сезона на надежи и неизвесност.
Б.З.М.



