ПочетнаЕКОНОМИЈАРојтерс: Путин не е вознемирен од заканата на Трамп за воведување построги...

Ројтерс: Путин не е вознемирен од заканата на Трамп за воведување построги санкции кон Русија

Рускиот претседател Владимир Путин има намера да продолжи со борбите во Украина сè додека Западот не ги прифати неговите услови за мир и не е вознемирен од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за построги санкции, објави денес Ројтерс, повикувајќи се на три извори блиски до Кремљ.

Путин, кој им нареди на руските трупи да влезат во Украина во февруари 2022 година по осум години борби на истокот на земјата меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските трупи, е уверен дека економијата и војската на Русија се доволно силни за да издржат дополнителни западни санкции.

Во понеделник, Трамп најави 100-процентни санкции, доколку Путин не се согласи да го прекине конфликтот во рок од 50 дена.

Американскиот претседател, исто така, најави нови испораки на оружје за Украина, вклучувајќи ракетни системи земја-воздух „Патриот“.

Британската агенција известува дека три руски извори, запознаени со размислувањето на Кремљ на највисоко ниво, потврдиле дека Путин нема да ја запре војната под притисок од Западот и верува дека Русија може да издржи нови економски тешкотии, вклучително и заканата од американски царини насочени кон купувачите на руска нафта.

„Путин смета дека никој сериозно не разговарал со него за деталите за мирот во Украина, вклучително и Американците, па затоа ќе продолжи сè додека не го добие она што го сака“, изјави еден од изворите за Ројтерс под услов да остане анонимен.

И покрај неколкуте телефонски разговори меѓу Путин и Трамп и посетата на Москва од страна на американскиот специјален претставник Стив Виткоф, рускиот лидер верува дека немало доволно детална дискусија за основите на мировниот план, додаде изворот на Ројтерс.

„Путин ги цени односите со Трамп и имаше добри разговори со Виткоф, но интересите на Русија се на прво место“, рече изворот.

Белата куќа не одговори на барањето на Ројтерс за коментар за обвинувањата.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП