ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ни ги учи младите да клатат врата за да земаaт плата?

Кој ни ги учи младите да клатат врата за да земаaт плата?

На младите, изгледа, веќе одамна не им се работи со лопати и со градежни машини. Некако, повеќе ги привлекува идејата за удобно биро во администрација отколку физичка работа во индустријата или по градилиштата. 

И ако порано државната работа важеше за „сигурно, ама скромно платено место“, денес на ова му се додава и онаа познатата, добро извртена поговорка – „клати врата, земај плата“.

И точно оваа логика ги привлекува младите, кои одлучиле да не ги спакуваат куферите за Германија или Швајцарија, туку останале дома. 

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи неодамна даде една многу едноставна дијагноза: на младите им е побитно да имаат слободно време, подолг одмор, или, наједноставно – помалку нервози на работното место. 

Па затоа, вели тој, повеќе сакаат да завршат во некоја канцеларија во јавниот сектор, отколку да ја мерат силата по фабрики или да се будат со петлите за на градилиште.

И не дека платите во администрацијата се нешто посебно. Напротив, платите таму, најчесто, едвај ја поминуваат некаквата замислена линија на пристојност. Но, сепак, државно си е државно – си велат луѓето, па и ако има помалку пари, барем помалку ќе се нервираш. Или барем така мислат.

Оваа математика не им оди баш во прилог на газдите од приватниот сектор, кои секојдневно кубурат да најдат некој што ќе засука ракави. Некој што ќе каже – океј, тешко е, ама платата е поголема. 

Денес, ретко кој млад човек сака така да размислува. Воопшто и не се ни обидуваат да ги споредат условите и да ја извлечат реалната разлика. Едноставно, никој повеќе не сака работа каде што… ама вистински се работи.

Е тука лежи зајакот. Не дека младите се мрзливи, туку самиот систем им ја прави таквата услуга. 

„Седи си мирен, не мораш да трчаш“, како постојано да им се шепоти од секоја страна.

На крајот на краиштата, секој го сака полесниот пат. Само што во Македонија тој пат, барем засега, води право во канцеларија каде времето поминува, а работата… па, кој би се заморувал со такви небитни детали?

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП