ПочетнаЕКОНОМИЈАДа купам стан или да започнам бизнис?

Да купам стан или да започнам бизнис?

Вечната дилема што ги измачува оние кои имаат нешто пари настрана или наследство: дали е попаметно парите да се вложат во купување стан, или можеби да се ризикува со отворање сопствен бизнис?

Во услови на неизвесна економија, променливи камати и нестабилен пазар, изборот каде да се вложат парите знае да предизвика несоница.

Ако се прашаат побезбедните играчи – недвижнината секогаш се наметнува како прва опција. Сепак, стан е нешто конкретно, имот кој може редовно да носи кирија и со години да ви обезбеди пасивен приход. Особено во поголемите градови како Скопје, цените на становите стабилно растат, а луѓето постојано бараат место за живот. Но дали е баш толку едноставно?

„Искрено, се залетав“, признава Игор Миленковски од Аеродром, кој пред неколку години реши да купи стан во Центар за да го изнајмува. „Веќе седум години плаќам кредит и мислев дека брзо ќе завршам со тоа. Но, кога ќе ги соберам трошоците, даноците, проблемите со станарите и постојаните поправки – ќе ми треба уште најмалку осум години за станот целосно да се исплати. Не е баш романтично како што изгледа“.

Од друга страна, пак, стартувањето бизнис е сосема поинаква приказна. Тука не се знае ништо – ниту дали ќе профункционира, ниту колку ќе трае, ниту пак дали за три години ќе ве остави со долгови и празни џебови.

Податоците велат дека секој трет мал бизнис кај нас не го преживува третиот роденден, а тоа баш не е утешно. Но, за оние кои ќе успеат да го надминат тој праг, добивките можат да бидат спектакуларни.

Мимоза Јовчевска од Битола е пример за тоа како се исплати кога ризикуваш:
„Пред пет години не знаев дали ќе преживеам со мојата мала продавничка за органска козметика. Се будам сред ноќ, пресметувам дали ќе остане за кирија, дали има смисла да продолжам, дали… ама денес имам две продавници и добра заработка. Ако тогаш купев стан, денес вредноста ќе беше за нијанса повисока. Вака, мојот бизнис порасна за 500 проценти“.

Што велат експертите за вакви одлуки?

„Не постои идеален совет“, коментира Александар Дојчинов, експерт за економски развој. „Ова не е црно-бело прашање. Ако сте од оние што сакаат да спијат мирно навечер и да не се грижат за работите што можат да тргнат наопаку – купете стан. Сигурноста си има цена, но нема чуда и нема огромни изненадувања. Ако пак сте човек со идеја, со амбиција и со желба да пробате нешто што може или ќе ве издигне или ќе ве закопа – тогаш само напред со бизнисот. Таму е потенцијалот за огромен раст, но и за огромен пад. Што да ви кажам, таков е животот“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП