ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕМала куќа на село, бизнис за мерак

Мала куќа на село, бизнис за мерак

Руралниот туризам веќе не е само викенд-занимација за ентузијасти и за авантуристи, туку сериозен бизнис од кој денес се заработуваат солидни пари.

Селата кои пред десетина години полека исчезнуваа од мапата, сега се претвораат во вистински мали фабрики за пари – само ако знаете како.

Заборавените дедовски куќи, плевните од кои паѓале греди, или оние запуштени викендички кои до вчера се користеле за складирање стари велосипеди и тегли со ајвар, сега добиваат сосема нов живот.

Оние кои имаа визија навреме, веќе си ги бројат заработките. Оние кои се мислеа премногу – сега брзаат да влезат во приказната додека сè уште има место.

Елена Мицковска Добревска, која реновирала куќа на падините на Јакупица, воопшто не очекувала дека нејзината инвестиција ќе се врати за помалку од година дена.

„Не беше во прашање на луксуз или некаков посебен комфор. Луѓето едноставно бараат место каде ќе можат да побегнат од градскиот хаос. Денес тоа што беше нормално во детството на нашите родители – двор со дрво, бунар, можеби по некоја кокошка – тоа сега е врвен луксуз. Луѓето се презаситени од градовите. Плус, не се скапи како хотели“, објаснува нашата соговорничка.

Податоците ја потврдуваат оваа приказна. Истражувањето на Асоцијацијата за одржлив туризам покажа дека последниве години побарувачката за селски туризам во Македонија расте стабилно – годишно дури и до 20 проценти.

Расте и бројот на туристи од странство кои сакаат да пробаат нешто „вистинско“, нешто што не е сликано на разгледница.

Во анкетата од март годинава, над 40 отсто од луѓето рекле дека сакаат сместување на село, каде ќе се разбудат без звукот на автобуси или алармот на соседот, туку со мирисот на домашен леб и свежо сварено кафе.

И не се работи за тоа дека мора да вложите некои огромни пари. Викендичките и старите куќи обично не бараат големи зафати.

Доволно е малку да се среди ѕидот, да се сменат старите прозорци, и да се стави удобен кревет и чиста постелнина. Сè друго е дополнителен шарм – вазна со цвеќе, тегла домашен компот, добра Wi-Fi конекција, и сосема сте подготвени за гостите.

Ако имате барем минимално познавање на маркетинг на социјални мрежи и мобилен телефон, веќе сте завршиле половина од работата. И без многу мака, и без да вработувате персонал.

Кристијан Чубринов, кој веќе неколку години ја изнајмува својата куќа близу Берово, преку Airbnb, не може да постигне со резервациите.

„Во март немаше слободен викенд за летната сезона. Знаете што е најважно? Гостите не очекуваат хотел со пет ѕвезди. Очекуваат топло добредојде. Човечки пристап“, раскажува Чубринов.

Но, не очекувајте премногу помош од државата. Има субвенции, ама процедурите се комплицирани, бирократијата е… знаете веќе. Луѓето најчесто не чекаат, туку сами го прават првиот чекор.

Весна Илиевска е еден од тие луѓе.

„Кога ја средував дедовата куќа не чекав никакви програми. Едноставно, ми беше преку глава од градот, сакав природа, мир и малку заработка од страна. Почнав самостојно и не зажалив ни ден. Искрено, не би се вратила назад во град ни за двојно поголема плата“, вели Илиевска.

И заработката воопшто не е за потценување. Една мала куќичка која се изнајмува за викенд може лесно да донесе 500 евра месечно. Во лето – и многу повеќе. Тоа се пари што паѓаат додека вие уживате во тишината.

Па, да сумираме – руралниот туризам веќе не е само егзотика за некој што сака да направи убави фотографии за Instagram. Тоа е одлична прилика за стабилна заработка, и шанса конечно да го почувствувате животот надвор од сивилото на градот. Сега е вистинскиот момент за да се направи тој чекор.

А, всушност, дали има нешто повредно од тоа да го слушнете петелот наместо алармот на телефонот? Или да ви каже соседот: „Ајде дојди да пробаш од мојата ракија, сега ја направив…“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП