ПочетнаМАКЕДОНИЈАЗнаевме што нè чека со пожарите – дали доволно добро се спремивме?

Знаевме што нè чека со пожарите – дали доволно добро се спремивме?

Температурите ги надминуваат старите рекорди, шумите и стрмништата се палат речиси како да им е навика, а огнот често се доближува и до куќните порти.

Но тие што први трчаат да го пресретнат, нашите пожарникари, сè уште се возат во камиони што повеќе личат на музејски експонати отколку на возила за спасување.

Замислете само: просечната старост на противпожарните возила низ државава е 27 години. А има општини каде и денес се користат камиони произведени во далечната 1966 година. Тоа се скоро шест децении – возила што излегле од фабрика кога луѓето првпат чекореа на Месечината.

„Не ме прашувај со што гасевме последно. Или ќе се насмееш, или ќе ти падне тешко“, вели со половина глас еден искусен пожарникар од Источна Македонија, кој не сака неговото име да се најде во медиумите. „Камионот е постар и од мене. Гумите сме ги крпеле којзнае колку пати, а цистерната пушта ако ја наполниш до горе. Чекам ден кога ќе нè остави на сред пат“.

Ова не е проблем од вчера. Напротив – децении на занемарување ја доведоа пожарникарската служба до ова дереџе. Луѓе што ризикуваат животи за да спасат туѓ дом добиваат плати со кои едвај преживуваат, работат во простории што бараат реновирање, а за возниот парк… доволно е да се каже дека повеќето камиони би биле „ветерани“ и на изложба на стари возила.

„Имаме камиони од осумдесеттите, од деведесеттите… најголем дел се донации. А и тие одамна се излитени. Со вакво нешто не можеш да стигнеш до место каде што гори, а не па да гасиш во некое непристапно подрачје“, раскажува пожарникарот.

Во меѓувреме, државните институции си ја префрлаат топката. Државата и општините не можат да се договорат кој треба да ги обезбеди парите. Центарот за управување со кризи на хартија вели дека државата има обврска да гарантира минимални капацитети. Но во практика? Сè повеќе општини сами се снаоѓаат како знаат и умеат.

„Донации од амбасади, пари од дијаспора… неодамна добивме чизми од наши иселеници од Австралија“, раскажува со оној горчлив хумор што само тие што ја живеат оваа реалност можат да го разберат.

И тоа не е сè. Проблем е и што нема кој да ја носи униформата. Младите ретко се одлучуваат да бидат пожарникари, а старите заминуваат во пензија без замена. Во дел од руралните општини, пожари гасат доброволци со трактори и прскалки – едноставно затоа што таму нема ниту еден професионалец.

На крај го прашуваме нашиот соговорник од Истокот дали гледа надеж.

„Има, секогаш има… ама за разлика од нашите камиони, надежта нема тркала за да стигне до местото каде што гори“, одговара тој.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП