ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕШто треба да проверите на автомобилот пред да тргнете на одмор

Што треба да проверите на автомобилот пред да тргнете на одмор

Со почетокот на летните одмори и големиот број возила што се упатуваат кон граничните премини и туристичките дестинации, проверката на возилото пред патување станува императив, а не опција.

За да избегнете непријатности на автопат, долги чекања помош на пат или скапи поправки во странство, разговаравме со Златко Наумововски, искусен автомеханичар од Скопје со над 25 години искуство.

Тој за читателите на Денар.мк открива што сѐ треба да проверите пред да тргнете на летување со автомобил.

„Најголем број луѓе доаѓаат кај нас дури кога ќе настане проблемот – тогаш е веќе доцна. Проверка пред пат е како осигурување: можеби нема да ви треба, ама ако ви затреба, ќе ве спаси од многу главоболки“, вели Наумовски.

1. Системот за ладење – најважен во лето

Првата работа што ја советува да се провери е системот за ладење. Летните температури може да бидат погубни за моторот, особено при долг пат на жешки асфалти.

„Проверете го нивото на течноста за ладење, состојбата на цревата и радијаторот. Ако има капење, рѓа или пукнатини – тоа мора веднаш да се санира. Најчесто луѓето доаѓаат со прегреани мотори, а тоа знае да заврши со комплетна замена на главата на мотор, што е скапа работа“, објаснува тој.

2. Состојбата на гумите – вклучително и резервната

Гумите се критичен елемент, особено кога возите со високи брзини и полн багажник.

„Проверете го притисокот во сите четири гуми, како и на резервната. Луѓето често ја забораваат резервната гума, а кога ќе им затреба – или е спласната, или е сува и испукана“, додава автомеханичарот.

Освен притисокот, важно е и да нема прекумерно абење или оштетувања по профилот.

3. Кочници и масло

Проверка на кочници е задолжителна, посебно ако одите на планински терени.

„Проверете дали има доволно кочничка течност односно глицерин, дали диск плочките се потрошени, а доколку кочењето ви изгледа бавно или меко, веднаш однесете го автомобилот на сервис“, вели Наумовски.

Покрај тоа, неопходна е и проверка на моторното масло.

„Ако сте блиску до следна смена, направете ја пред патувањето. Подобро е да смените масло сега, отколку да ризикувате зголемена потрошувачка и оштетување на моторот среде пат“, додава тој.

4. Акумулатор и електроника

Во лето, акумулаторот не страда како во зима, но неисправен акумулатор може да ве остави на пат.

„Проверете дали има доволно напон, дали клемите се чисти и добро стегнати. Ако акумулаторот е стар повеќе од 3 години – размислете за негова замена или најмалку тестирање“, вели автомеханичарот.

5. Клима-уред – комфор и безбедност

„Не е само за удобност – работна клима значи и буден возач. Ако не лади добро, можеби треба само да се дополни фреон, ама може и да е поголем дефект. Проверката трае 15 минути“, истакнува Наумовски.

6. Документи и опрема

Иако не е технички дел, задолжителна е проверка на документи: сообраќајна дозвола, зелена карта, осигурување, и задолжителната опрема – резервна гума, триаголник, прва помош, кабли за стартување.

На крајот, Наумовски советува:

„Подгответе го автомобилот како што го подготвувате куферот. Со добра проверка, си обезбедувате мирен и безбеден одмор. А никој не сака летниот одмор да му заврши со влечна служба покрај автопат“.

За оние што немаат време или не се сигурни во својата проценка, Наумовски препорачува брза „пред-пат“ дијагностика во доверлив сервис, која не трае повеќе од еден час, а може да ви заштеди денови нервози.

Подгответе го возилото навреме – за да уживате во секој километар.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП