Инфлаторните бранови што ја погодија Македонија последниве години не само што ја намалија куповната моќ на граѓаните, туку длабоко го трансформираа начинот на кој тие размислуваат, планираат и трошат.
Од некогашни неделни пазари со преполни колички, до денешна пресметана потрошувачка и селективно трошење, македонскиот потрошувач е сè повеќе фокусиран на преживување отколку на удобност.
„Порано купувавме по инерција. Денес, пред секое влегување во маркет, седнуваме и правиме листа – и не само тоа, туку и калкулација колку може да си дозволиме“, вели Марина Петрушевска, мајка на две деца од Штип.
Таа признава дека лебот, млекото и основните намирници станаа луксуз ако ги спореди цените со примањата во семејството.
Според последните истражувања, дури 73% од испитаниците изјавиле дека значително ги промениле своите трошачки навики поради растот на цените, особено кај храната и енергенсите.
Повеќе од половина рекле дека престанале да купуваат производи кои не се неопходни, додека 28% редовно ги одложуваат и неопходните набавки, како гардероба, обувки и козметика.
Психологот Сања Љубеновиќ вели дека инфлацијата не влијае само врз џебот, туку и врз психата.
„Секојдневниот стрес од тоа дали ќе се изгура месецот, создава чувство на несигурност и траен страв од иднината. Луѓето стануваат поагресивни во однос на пари, поопседнати со пресметки и во крајна линија – се чувствуваат поразени, особено кога не можат да си ги дозволат основните нешта“.
Кафулињата, кои некогаш беа пренатрупани и среде недела, сега се со значително намален обрт.
„Порано едно кафе се пиеше и по два часа со пријателите, денес секој гледа на часовникот и на паричникот. Имаме гости, ама некако сите се скромни – еден пијалак, па си одат“, раскажува Даниел, келнер во локал во центарот на Скопје.
На зелените пазари, пак, купувањето на килограм се замени со купување на парче.
„Секој втор ми вели: ‘Дај ми само една пиперка, едно краставиче, не многу’… Ниту ќе препродаде, ниту ќе фрли, ама ниту ќе остане гладен,“ раскажува Рахила, продавачка на пазарот во Битола.
Македонскиот потрошувач не само што штеди, туку и учи да се снаоѓа. Интернет групи за размена, заеднички набавки, колективно купување од производители и префрлање на домашно приготвување наместо готова храна – сето тоа стана дел од новата економија на преживување.
И додека инфлаторните кризи доаѓаат и си одат, една работа е сигурна – навиките се менуваат длабоко и долгорочно.
Како што велат експертите, кога еднаш ќе научиш да се снаоѓаш со малку, тешко се враќаш назад. А можеби токму тука почнува новиот економски менталитет на Македонецот.
Б.З.М.