Секојдневно сè повеќе млади, но и искусни работници ја напуштаат Македонија, заминуваат во странство во потрага по подобри услови, повисока плата и достоинствен третман.
Домашниот пазар на трудот полека се празни, а последиците веќе се чувствуваат – недостиг на кадар, пад на квалитетот во производството, и вртоглаво зголемени трошоци за регрутација и обука.
Во коренот на овој проблем се крие длабоко вкоренетата спрега помеѓу алчноста на дел од работодавачите и хронично ниските плати.
Според синдикалните организации, токму газдите што најмногу ја експлоатираат работната сила треба да се срамат кога ќе слушнат дека нивните поранешни вработени сега ја градат економијата на некоја друга земја.
„Не се работи само за пари – се работи за третманот. За тоа дали на работното место си човек или бројка. Имам 15 години работно искуство во приватен сектор, но во сите тие години никогаш не добив ниту денар повеќе за трудот што го вложував“, вели М.К., поранешен производствен работник кој неодамна се преселил во Германија.
Економските аналитичари што ги консултиравме за оваа тема, посочуваат дека „македонските газди пречесто забораваат дека човекот е највредниот капитал“.
„Работодавачите во Македонија често ја преферираат краткорочната добивка наместо долгорочната стабилност. Тие не инвестираат во човечкиот капитал. Па кога работникот ќе најде алтернатива, заминува – и тоа не од инает, туку од нужност“, објаснуваат експертите.
Иако постојат исклучоци – компании кои се грижат за своите вработени и им нудат услови за раст – тие се малцинство. Доминира менталитетот на „ако не сакаш ти, има кој да работи“, кој, парадоксално, денес повеќе не функционира, бидејќи сè помалку има „кој да работи“.
Од Сојузот на синдикати постојано алармираат за злоупотреби: непријавени работници, прекувремена работа без надомест, мобинг, минимални плати и никаков простор за напредување.
„Ова не е само економска, туку и општествена катастрофа. Губиме генерации млади луѓе кои во Македонија не ја гледаат својата иднина. Работодавачите треба да разберат дека достоинствената плата и човечкиот однос не се трошок – туку инвестиција“, велат економистите.
Додека политичарите ветуваат стратегии и реформи, а дел од бизнис-секторот се правда со продуктивноста, миграцијата продолжува. А секој работник кој си заминува е уште една запалена црвена ламба – не само за приватниот сектор, туку и за целата држава.
Б.З.М.