Воениот судир меѓу Израел и Иран, кој добива нови димензии со секоја измината недела, не остана без економски последици. Прв на удар се најде енергетскиот пазар, каде цената на нафтата скокна за повеќе од 10 проценти, доведувајќи до глобална загриженост за стабилноста на цените на горивата.
Во Македонија, уште нема официјално најавени зголемувања, но економистите и енергетските аналитичари предупредуваат – прашање е на време.
Според последните податоци, барел сурова нафта од типот „Brent“ достигна вредност од над 77 долари, откако нападите на иранските и израелските сили ги погодија енергетските и логистички мрежи во регионот.
Финансиските пазари веднаш реагираа со нестабилност, а нафтените компании веќе започнаа со корекции на цените.
„Конфликтот се случува во еден од најосетливите региони за светската нафтена понуда. Само блокадата на Теснецот Ормуз – клучен премин низ кој минува околу 20% од глобалната нафта – би можела да ја турне цената над 100 долари по барел“, велат аналитичари од енергетскиот сектор.
Покрај глобалниот пазар, последиците веќе се чувствуваат и на малопродажните бензински пумпи. Во Велика Британија, цената на литар бензин се зголеми за 5 пенти, додека во САД се бележи просечен пораст од 20 центи по галон. Австралија и Обединетите Арапски Емирати исто така пријавуваат раст од 10 до 12 центи по литар.
„Горивата се првите што реагираат. Ако ситуацијата се влоши и ако конфликтот прерасне во подолгорочна нестабилност, тогаш нема да биде прашање дали ќе поскапат, туку колку“, истакнува еден европски економист за енергетски ризици.
Македонските граѓани, кои веќе се соочуваат со високи животни трошоци, стравуваат од нов ценовен удар.
„Не е можно да се издржи ако повторно се зголемат горивата. Сè е поврзано – транспорт, храна, струја“, вели Стојан Петров од Скопје, возач на комбе за дистрибуција на производи.
Тој додава дека секое зголемување за него е директно намалување на заработката.
Регулаторната комисија за енергетика во земјава соопшти дека ја следи состојбата на светските берзи и дека цените ќе се усогласуваат неделно, според методологијата која веќе е воспоставена. Сепак, неофицијално, од еден трговец со горива дознаваме дека новиот тренд на берзите сугерира раст на цените во домашните услови од 2 до 4 денари по литар веќе во наредниот пресек.
Дополнителен ризик е инфлаторниот ефект. Секоја промена во цената на нафтата се прелива на синџирот на снабдување – од земјоделски машини до превоз на стока, што веќе се чувствува во земјите каде бензинот ја надмина психолошката граница од 5 долари по галон.
Во ова сценарио, улогата на меѓународната заедница, ОПЕК и САД, ќе биде клучна. Според предвидувањата, можно е да се активираат дополнителни резерви на нафта за да се амортизира шокот. Но и тоа има свои граници, особено ако конфликтот се влоши и ги зафати соседните земји, како Саудиска Арабија или Ирак.
Заклучокот е јасен: скокот на цените на горивата не е само шпекулација, туку реална опасност што зависи од развојот на воената состојба.
За сега, пазарите играат на карта на неизвесноста, а потрошувачите – на трпеливост. Но трпеливоста има рок на траење, особено кога резервоарот почнува да се празни, а џебот станува сè поплиток.
Б.З.М.