17 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова економија на прагот - шанса за Македонија или уште едно промашување?

Нова економија на прагот – шанса за Македонија или уште едно промашување?

Концептот „нова економија“ сè почесто се користи во глобалниот економски речник, но што точно значи тој и зошто е важно Македонија да го сфати и да го примени навреме?

Новата економија не е само технолошка револуција. Таа претставува целосна трансформација на начинот на кој функционираат производството, трудот, иновациите и пазарот.

Терминот се однесува на преминот од индустриска кон дигитална економија – базирана врз знаење, автоматизација, вештачка интелигенција, платформи и иновативни услуги.

Во суштина, фокусот се префрла од физички кон интелектуален капитал.

„Не станува збор само за стартапи и за ИТ-компании. Новата економија ги менува и традиционалните сектори – од земјоделството до градежништвото“ вели економскиот аналитичар Ведран Кузмановски. „Она што порано значеше конкурентност – евтина работна сила и ниски трошоци – денес е заменето со агилност, иновации и подготвеност за брза адаптација“.

Македонија, за жал, во оваа транзиција влегува бавно и без јасна стратегија. Иако има поединечни примери на иновативни компании, системското поттикнување на новата економија е сè уште занемарено.

Уште поважно, образованието и јавната администрација не се прилагодени на барањата на ерата што доаѓа.

„Младите кај нас учат по програми од 20-тиот век, а живеат во 21-виот“, истакнува Кузмановски. „Ако сакаме да имаме економија која не е заснована само на увоз и грантови, мора да вложиме во дигитална писменост, критичко размислување и претприемачка култура“.

Во новата економија, инфраструктурата не се мери само во километри автопат, туку и во мегабајти интернет, квалитет на дигитални услуги, број на иноватори и степен на поврзаност со светски трендови.

Потребно е и преформулирање на политиките за поддршка на економијата. Наместо класични субвенции за инвестиции во фабрики, државата треба да стимулира истражување и развој, креативни индустрии, дигитални стартапи и зелени технологии.

Сепак, промената не се случува преку ноќ.

„Не може да се очекува резултат ако ги одбиеме промените на прв удар“, додава Кузмановски. „Нова економија бара нова култура – на ризик, на иновација, на доверба во младите“.

За Македонија, ова е предизвик, но и шанса. Да се остане во рамките на старата економија значи да се остане зависен, ранлив и маргинализиран.

А можеби токму преку новата економија, земјава може да излезе од хроничниот економски застој и да стане средиште на креативност, иновации и дигитална трансформација на Балканот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП