15 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд 50 денари до 500 денари дневно – како пораснаа детските „трошоци“...

Од 50 денари до 500 денари дневно – како пораснаа детските „трошоци“ и што тоа кажува за нас

Некогаш, ако добиевме 50 денари од родителите, денот ни беше направен. Доволно за бурек, јогурт и евентуално едно списание. Сè друго беше „луксуз“.

Денес, ако на тинејџер му дадеш 100 денари – ќе те погледне на криво како да си го казнил.

Миленијалците порано бараа пари за нешта што во основа беа практични: храна, превоз, кино. Денешните деца бараат пари за работи кои пред 20 години не ни постоеја: купување скинови во игри, слушалки по 3.000 денари, мобилни од 1000 евра, пијачки по 200 денари во мол.

И тоа не е нивна вина, тоа е новата реалност.

„Се трудам да не им ускратам ништо, но некогаш ми е тешко да разберам како е нормално да се носат 500 денари дневно во училиште. Ние толку трошевме за цела недела,“ ни рече Елена (42), самохрана мајка на две деца, за Денар.

Проблемот не е само во инфлацијата. Проблемот е и во културата на потрошувачка што ја градиме околу децата. Растат со TikTok, со инфлуенсери, со споредби. Сакаат да се вклопат, да носат „брендови“, да имаат најнов телефон.

А ние, родителите – често не велиме „не“, затоа што ни е страв дека ќе се чувствуваат помалку вредни.

И додека барањата растат, економската реалност не се менува толку брзо. Платите не пораснаа двојно од 2004 наваму, но очекувањата – да. Има родители што даваат повеќе пари на децата отколку што трошат за себе во еден ден. Зошто? Зашто сакаат да им дадат „подобро“ детство.

Но, дали навистина им го даваме тоа – или само го мериме во пари?

На оваа тема постои и генерациски јаз. Миленијалците растеле со повеќе рестрикции, па денес како родители често се поопуштени – дури и премногу.

„Не сакам да го ограничувам, но некогаш чувствувам дека станав банкомат,“ признава Марко (37) од Скопје, татко на тинејџер. „Бара пари за такси, иако училиштето му е на 10 минути.“

Исто така, младите денес се соочуваат со нешто ново – постојан социјален притисок. Сè е слика, сè е приказна, сè е споредба, а тоа чини пари.

Не можеш да си дел од „екскурзијата“ на животот ако немаш нови патики или ако не пиеш кафе во мол.

Затоа, прашањето не е само „дали е во ред што денешните деца бараат повеќе пари“. Прашањето е „Кој им кажа дека толку им треба?“ И дали тоа сме ние, возрасните – кои не научивме да кажеме „доста е“?

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП