14 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија станува свесна дека минералите се клучен фактор во безбедносната политика -...

Македонија станува свесна дека минералите се клучен фактор во безбедносната политика – ќе се отвори ли патот за нови истражувања и рудници?

Може ли да се очекува македонското рударство да се приклучи во остварувањето на целите на Европската Унија за енергетска независност?! Брисел засилено започна да трага и да ископува критични минерални суровини, кои се неопходни за да се постигне зелената транзиција. За оваа цел беше изготвена листа на повеќе минерали, како литиум, бакар, кобалт и други, со кои досега Унијата во голем обем се снабдуваше од трети земји. Сепак, ЕУ на почетокот на годинава најави 47 нови стратешки проекти, меѓу кои и голем број на рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија. Но, оваа листа неодамна беше надополнета. На почетокот на јуни, беше објавено дека Унијата ќе финансира нови 13 стратешки проекти за повеќе метали, но во земји кои не се членки. Брисел реши да поддржи рудници во Велика Британија, Канада, Гренланд, Казахстан, Норвешка, Србија, Украина, Замбија, Нова Каледонија, Бразил, Мадагаскар, Малави и Јужна Африка.

-Ниту една земја не треба да ги држи клучевите за европската иднина за чиста енергија. Мора да ја намалиме нашата зависност од сите земји, особено од голем број земји како што е Кина. Во меѓувреме, забраните за извоз ја зголемуваат нашата волја за диверзификација“, изјави еврокомесарот за индустрија и внатрешен пазар, Тиери Бретон, за време на објавата.

Од друга страна, желба за приклучување кон целите на Унијата јавно изрази и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Таа на Интернационалниот самит Астана 2025, истакна дека критичните минерали стануваат клучен фактор во глобалната енергетска и безбедносна политика. Министерката предупреди дека во време кога светот се стреми кон декарбонизација, не смееме да дозволиме нова форма на зависност – овојпат не од фосилни горива, туку од минерали под геополитичка контрола. Според неа, Македонија има потенцијал да стане дел од решението преку одржливо искористување на сопствените минерални ресурси и развој на капацитети за преработка и складирање.

-Преодот кон обновливи извори на енергија и зелените технологии предизвикува невидена побарувачка за критични минерали како литиум, кобалт, бакар, графит. Овие ресурси освен што се важни индустриски суровини – тие се стратешки алатки што го обликуваат новиот светски поредок, рече Божиновска.

Во меѓувреме, властите активно работат на национална Стратегија за минералните суровини 2025-2045, чија финална верзија и усвојување наскоро се очекува. На неа работеше тим од Македонската академија на науките и уметностите.

-Македонија во моментот не е силно развиена рударска земја и нејзината визија за развој треба да се однесува на тоа да го зајакне овој сектор од стопанството и да искористи што поголем дел од своите природни ресурси, односно природни минерални богатства. Со одржливо користење на сите природни минерални богатства, а во хармонија со еколошките, културните и природните вредности, можеме да создадеме работни места низ цела Македонија. Македонија не само што има ресурси во форма на руда и минерали, туку има и рамка во форма на цврста и недвосмислена еколошка законска регулатива, силна клима за иновации, таа треба да има и отвореност во однос на нашите геолошки ресурси, истражувањата да бидат на високо ниво и да има добро образована работна сила, се нагласува во првичната нацрт верзија на Стратегија.

Понатаму во текстот се напоменува дека Македонија може да има клучнa улога во исполнувањето на целите од Зелената агенда и препорачува да се стимулираат геолошки истражувања.

-Република Северна Македонија има особено значење како производител на метали како што се олово-цинк, бакар и никел и игра значајна улога во поширокиот европски, па и светски контекст како клучен извор на овие критични минерали во регионот. Всушност Република Северна Македонија е најдобро рангирана на светско ниво од сите држави во регионот и тоа за бакар, олово и цинк, а исто така добро е рангирана и за сребро и гипс, се додава во нацртот на Стратегијата.

Инаку, фактите говорат дека во изминатите 40 години во земјата не е отворен нов рудник, а од година во година уделот на рударството во индустриското производство е се помал. Македонија може да се пофали дека има минерали, особено бакар, но проектите за нови рудници се блокирани. Последно, тоа се случи со инвестицијата на „Еуромакс ресоурцес“ во проектот за рудник за бакар во Иловица. Претходно, не се реализираа иницијативите за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“ и за рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП