Во кафич, на работа, во семејството – сите зборуваат за пари.
Кој земал кредит, кој „се утепал“ од плаќање рати, кој ставил на штедна книшка, кој „го одрала“ банката.
И сите некако ја прифаќаме реалноста дека финансискиот притисок е нормален дел од животот.
А не би требало да биде така.
Не е нормално цел месец да се живее со камен во стомакот заради една рата.
Не е нормално луѓето да потпишуваат договори без да знаат што всушност потпишуваат.
Не е нормално да немаш идеја колку точно ќе те чини кредитот што го земаш денес, затоа што „само ратата те интересира“.
Зошто премолчуваме?
Интересно е што луѓето многу полесно зборуваат за личните проблеми, отколку за тоа колку должат.
Срам им е да признаат дека „не се снаоѓаат со финансии“, како да е тоа личен неуспех, а не треба да биде така.
Токму таму се случува штетата. Не прашуваме, Не проверуваме, Не читаме, Само потпишуваме.
И потоа, кога ќе дојде денот за плаќање, викаме – „Никој не ми кажа.“
Финансиската неписменост не боли… додека не стане рата
Голем дел од граѓаните и компаниите не знаат разлика меѓу номинална и ефективна каматна стапка.
Не знаат дека кредитна картичка од 30.000 денари може да ги чини повеќе од половина плата ако не ја користат правилно.
Не знаат дека за истиот кредит можеш да плаќаш 3, 5 или 7 илјади денари повеќе – само затоа што не си прашал.
Ова не е обвинение. Ова е реалноста.
Ако не знаеш – не значи дека си глупав, само значи дека си ранлив.
Зошто ова не го учиме во средно училиште?
Колку предмети учевме што никогаш не ги користевме?
Ако сите земаме кредити, користиме банкарски апликации, плаќаме сметки, штедиме или не штедиме – зошто ова не е основа на секое образование?
Финансиската писменост треба да биде како лична хигиена.
Треба да ја стекнеш на време – за да не го „чистиш“ хаосот подоцна.
И не, не е решението да не земаш кредити, ниту пак да не плаќаш со кредитна картичка, ниту да се откажеш од апликации.
Решението е да знаеш што правиш, да ја разбереш играта во која си, да не се плашиш да прашаш. И главно е да не се лажеш себеси дека „ќе се среди некако“.
Бидејќи нема поскап трошок од она што го носиш во тишина – без да го споделиш, без да побараш помош и без да си го признаеш.
Вашиот Личен банкарски советник
Бранко Стојкоски