Во текот на ланската година живородени се 16.061 деца. Податоците велат дека 92 деца за жал се родени мртви. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на живородените деца во 2024 година е намален за 4% во споредба со минатата година. Лани најмногу живородени деца се родени во месец јули.
Официјалните податоци велат дека во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 51.5%, односно на 100 живородени женски деца 106 се машки. Според месецот на раѓање, најголем број живородени деца се регистрирани во месец јули и тоа 1.496.
Доколку се анализираат податоците може да се забележи дека, според возраста на мајката, најголемо учество, односно 31.8% се живородени деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.7 години, а на прворотките 28.2 години. Податоците велат и дека генерациска година на раѓање на мајката што се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1994 година. Во текот на 2024 година се регистрирани 12 живородени деца од мајки на возраст под 15 години. Бројот на вонбрачните живородени деца е 1.844 или 11.5% од вкупниот број на живородените деца.
„Бројот на живородените деца е намален за 4% во однос на 2023 година. Структура на живородените по пол: 51.5% машки и 48.5% женски, односно на 100 живородени женски деца 106.3 се машки. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања изнесува 29.7 години, а на прворотките 28.2 години. Бројот на вонбрачните живородени деца е 1.844 или 11.5% од вкупниот број на живородените деца.“, стои во извештајот на ДЗС
Ваквите податоци уште еднаш ги потврдуваат поразителните тенденции за иселување на младите. Оние кои решаваат да останат тука се потешко носат одлука да формираат семејство. Од друга страна, Македонија се соочува со стареење на населението. Официјалните податоци на ООН, во 1964 година просечната возраст на населението во Европа изнесувала 29,8 години. Потоа ОН констатирале дека до почетокот на 90-тите години на минатиот век, таа бројка пораснала на 34 години, а до почетокот на овој век просечната старост на населението во Европа се искачила на 37 години. Пред 15 години бројката надминала 40 години. Денес просечната возраст на населението во Европа изнесува 42,5 години. Што се однесува до македонците но и кај нашите соседи Србија и Бугарија, како и за Босна и Херцеговина, тие исто така ќе бидат вброени меѓу земјите каде што половина од населението ќе биде на возраст од над педесет години до проектираната 2060 година.
И.П.