Сè повеќе млади и постари Македонци почнуваат да се интересираат за инвестирање на берза, како алтернатива на класичното чување пари во банка.
Но, што значи тоа кога првпат се соочувате со термини како „портфолио“, „индекс“, „дивиденда“ или „ETF“? И уште поважно – дали е можно без поголемо искуство да се влезе во овој свет без да се изгубат вложените пари?
Берзата не е коцкање, туку стратегија. Но, за да биде успешна, потребно е трпение, информираност и добра припрема. Почетокот, како и во сè, е најтежок.
„Повеќето луѓе почнуваат да инвестираат откако ќе прочитаат некаде дека некој заработил многу. Но, вистината е дека тие што навистина заработуваат, вложуваат со години и го прифаќаат ризикот како составен дел од играта“, вели Александар Дојчинов, експерт за економски развој.
За граѓаните кои немаат економско образование, првата станица треба да биде запознавање со основите.
Денес постојат десетици бесплатни видеа, книги и форуми на македонски и на англиски јазик кои објаснуваат што се акции, обврзници, инвестициски фондови и каква е разликата меѓу нив. Македонската берза, иако мала, има активна платформа и јавно достапни информации за тргување.
„Кога ќе се информирав доволно, решив да вложам 10.000 денари во една македонска компанија што исплаќа дивиденда секоја година. Не очекував чуда, но почувствував дека сум дел од економијата на земјата“, вели Славица Николовска од Велес, која инвестира веќе три години.
Втор чекор е изборот на брокер. Во Македонија работат неколку овластени брокерски куќи кои нудат услуги и за мали инвеститори.
Отворањето сметка не е комплицирано, а со почетен влог од неколку илјади денари може да се купат акции од домашни компании. Сепак, доколку сакате да инвестирате и во странски пазари – како американскиот NASDAQ или германскиот DAX – ќе ви треба сметка кај брокер кој има пристап до меѓународни берзи.
Важно е да се нагласи дека профитот не доаѓа преку ноќ. Акциите растат и паѓаат, а најуспешните инвеститори не се оние кои реагираат емотивно, туку оние кои држат долгорочна стратегија. Дури и кога пазарот паѓа – некои ја гледаат таа ситуација како „распродажба“ и нова шанса за купување.
„Најголема грешка е кога луѓето вложуваат сè што имаат и очекуваат месечно зголемување на капиталот. На берза се вложува она што можете да си дозволите да го немате во следните 5 до 10 години“, советува Дојчинов.
За почеток, искусните инвеститори препорачуваат ETF фондови – тоа се „кошници“ со различни акции кои го следат одреден индекс, со што ризикот е поделен на повеќе компании.
Пример: со еден клик можете да поседувате дел од 500 најголеми американски компании преку фондот S&P 500, а да не купувате индивидуални акции од секоја фирма.
Конечно, берзата е алатка – а не магија. Таа бара дисциплина, континуирано учење и избегнување на паника. За оние што ќе пристапат трпеливо, со реални очекувања, тоа може да биде еден од најпаметните начини за градење финансиска стабилност.
„Нема подобро време за инвестирање од сега. Колку порано почнете, толку поголеми ќе бидат плодовите“, заклучува Дојчинов.
Б.З.М.